МОФ промовира сервис за права на млади

На 24ти април (четврток), во 12:00 часот, во просториите на Американското катче Скопје (Национална универзитетска библиотека Св.„Климент Охридски“) ќе се одржи трибина и промоција на новиот Советодавен сервис за права на млади.

МОФ промовира сервис за права на млади

“Советодавниот сервис за права на млади” има цел да обезбеди советувања и поддршка за млади за полесно да ги остварат своите права низ лавиринтите на образовните и државните институции, но и да ги мотивира младите да прашуваат и да бараат решенија за своите проблеми и дилеми.

Трибината носи наслов „Постави прашање – Како да ги оствариш своите права?“ и е во организација на Младински образовен форум (МОФ), во соработка со Американскотo катче Скопје и со поддршка од Амбасадата на САД во Скопје.

Говорници на трибината ќе бидат Кристина Митрова, координатор на проектот, Фросина Калевска, проектен асистент, а на младите ќе им се обратат и Ресул Незири (советник во категорија средношколски прашања), Александра Марковска (советник во категорија студентски прашања) и Тања Поповска (советник во категорија младински прашања).

На трибината ќе биде промовиран и новиот микро веб сајт преку кој младите ќе можат директно да се обратат до сервисот и до советниците со цел да ги постават своите прашања на македонски и на албански јазик. На трибината се поканети средношколци, студенти и млади луѓе, со цел да се информираат за можноста како полесно да ги остварат своите права.

Сервисот е составен од тим млади правници кои ќе понудат информации и одговори на прашањата поставени од младите во три категории: средошколски прашања, студентски прашања и младински прашања.

Проектот „Советодавен сервис за права на млади” е проект на Младински образовен форум, поддржан од Амбасадата на САД во Скопје.