МОФ: Младите и децата не смеe да се користат за политички цели и поттикнување нетрпеливост

Младинскиот образовен форум реагира за користењето на млади и деца во протестите, провокациите и вербалните напади кои се случија во изминатата недела. Одговорноста ја бараат кај образовните институции. Отвореното писмо на МОФ го пренесуваме во целост.

Последниве денови се вршат политички притисоци врз учениците кои се спротивни на Конвенцијата за заштита на правата на детето. Јавноста е сведок дека учениците се изложени на тенденциозни провокации – се лепат стикери дека ќе бидат казнети доколку не знаат албански јазик, се поставуваат лажни свидетелства и на учениците им се читаат соопштенија дека треба да одат на протест за да ја спасат унитарноста на државата. Пласирањето лажни информации кои манипулираат со средношколците ги оттргнува од правото и одговорноста кон сопственото образование. Ваквите акции подгреваат национална нетрпеливост додека истовремено создаваат стрес и чувство на измаменост кај средношколците.

Како организација која работи со и за младите сакаме да посочиме дека ваквото агитирање на млади луѓе за остварување на партиски цели мора да престане. Учениците треба да бидат оставени сами да размислуваат и критички да се изразуваат,  а секое наметнување туѓ став врз нив, секое заплашување и злоупотреба најостро го осудуваме. Директорите, професорите и родителите треба да реагираат на секоја намера учениците да бидат вмешани во агендата на политички партии и под превезот на нивното право на здружување да се поткреваат меѓуетнички тензии. Вакви активности на долг рок ќе донесат сегрегација и отуѓување на младите, зголемување на говорот на омраза и креирање конфликти.

Жалиме што учениците почнуваат да се прашуваат на кои начини може да се заштитат бидејќи се чувствуваат небезбедно да одат на училиште или да се движат по улица поради својата етничка припадност. Срам е што острите реторики се користат за да се создаде привидна меѓуетничка тензија. Од ова најзагрозени се најмладите, посебно затоа што училиштата треба да претставуваат безбедна средина во која нема да чувствуваат страв поради своја различност од другите.

Поради тоа што одговороста е кај образовните институции бараме училиштата да не дозволат ширање тенденциозни материјали, постери или соопштенија, да ги заштитат учениците од присилување за излегување на протести и да не дозволат да се создаваат поделби меѓу учениците. Ги повикуваме надлежните институции да ги испитаат ситуациите на терен и информациите кои се шират во јавноста а се однесуваат на злоупотреба на малолетници за остварување политички цели.

Преку оваа реакција сакаме да ги посочиме заштитните механизми кои стојат на располагање на секој средношколец, родител и граѓанин кој смета дека правата на ученикот не се почитуваат. За прекршувањето на правата на средношколците може да се поднесе претставка до Народниот правобранител. Средношколците нарушувањето на своите права можат да го пријават и во Хелсиншкиот комитет како и кај Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“. Ги охрабруваме да пишуваат и на нашата Фејсбук страница ако може да помогнеме со прашања. Посочуваме дека доколку ова продолжи мора да се искористат сите процедури на домашно и на меѓународно ниво да се спречи понатомошната злоупотреба на младите.

Последните години покажаа дека учениците и студентите знаат да ја користат слободата на здружување и изразување преку Средношколски пленум како форма на само-организирање, за цел своите препораки за подобрување на средното образование да ги пренесат кон институциите. Овие облици на активно граѓанство сведочат  дека учениците имаат директен интерес за образовните политики и средношколските права, но не смее да се доведеме во ситуација тоа да биде присилно, без да потекнува од нив самите и на штета на нивното образование и соживот.