Летна академија на МОФ на тема „Граѓански и политички права и слободи“

Младински образовен форум ја организира петтата по ред МОФ Летна академија која ќе се случува од 26 до 30 август во Извидничкиот камп во Охрид.

МОФ Летна академија на тема „Граѓански и политички права и слободи“

Темата на овогодинешната академија е „Граѓански и политички права и слободи“, а таа ќе биде обработена преку тренинг сесии, работилници и изведби во областите: комуникации, медиуми и улични уметности (дебата, стенсили, онлајн -активизам, изработка на ракотворби, инсталации, улични уметности, организација на настани).

На настанот ќе учествуваат 70 млади луѓе на возраст од 14-20 години од четиринаесет македонски градови. Меѓу предавачите кои ќе водат тренинг сесии и работилници се: Владимир Милчин (режисер и извршен директор на ФООМ), Сања Арсовска (актерка), Искра Гешоска (претседател на Асоцијацијата на независната културна сцена ЈАДРО).

Активностите во рамките на летната академија ќе бидат распределени во три траки: „Јавна дебата“, „Онлајн-активизам“ и „Креативно изразување на јавни простори“. Учесниците на академијата ќе се запознаат со граѓанските и политичките права и слободи, ќе дискутираат за младинските проблеми и за начините како да ја подобрат положбата на младите во Македонија. На крајот на академијата своите решенија и предлози ќе ги искажат преку различни производи кои самите ќе ги подготват со помош на своите тренери.

На 27 август, како дел од програмата на летната академија ќе се одржи и панел-дискусија на тема „Искуства од прва рака: активизмот во македонски услови“ во која учество ќе земат претставници од невладини организации: Сандра Анастасовска и Сања Божовиќ [МОФ], Даниел Калајџиески [ХЕРА], Дејан Ивановски [Го сакам ГТЦ], Петрит Сарачини [Заедно за мир] и Џелал Хоџиќ [АМАН]. Целта на оваа панел-дискусија е претставниците од организациите и движењата да ги раскажат своите искуства со активните случувања со активизмот во Македонија и да ги доближат до публиката.

Овогодинешни поддржувачи на Летната академија на МОФ се Jacobs и Play сокови. МОФ. Летната академија е организирана во рамките на проектот „Локална младинска иницијатива“ поддржан од Фондација отворено општество – Македонија, „Проект на УСАИД за граѓанско општество“ и од ИДЕА програмскиот грант финансиран од програмата Европа за граѓаните.