МОФ: Изборите за претседател на СПУКМ не смее да бидат признаени

Изборите за претседател на СПУКМ, закажани за утре не смее да се признаат поради нелегалното распишување и фрапантното кршење на студентските права, стои во реакцијата на Младинскиот образовен форум.
Од организацијата велат дека тие нема да ги признаат овие избори, воедно додаваат дека избори за Студентски парламент не треба да се одржат додека не се реформира неговата структура на демократски начин и обезбеди простор за фер и плурални избори.
Тие уште еднаш потсетија дека моменталните студентски претставници се нелегитимни и без право носат одлуки во име на студентите. Мандатот на Претседателот на СПУКМ Кирил Спировски е истечен уште во 2014 и веќе 2 години се продолжува без правна основа, велат од МОФ. Избори за претседател на СПУКМ, пак, не се одржале од 10 октомври 2012 година и речиси сите студентски парламенти на УКИМ имаат истечени мандати.
 „Досегашните претставници на СПУКМ успеаја да го узурпираат просторот за организирање на студентите на универзитетот и 4 години да носaт важни одлуки во нивно име, што потврдува колку моделот на организирање на СПУКМ е монополистички, неплурален и иземен од одговорност кон студентите. Токму затоа овие избори треба да бидат откажани, а новоформираната комисија на иницијатива на студентите за измени на статутот на УКИМ да започне со работа и даде свој предлог за уредувањето на СПУКМ.
Без да се направи демократска структура и измени на моделот на избори од оваа комисија, тие не треба да се случат. Овие избори не само што ги кршат студентските права согласно статутот на УКИМ, Законот за високо образование и Болоњската декларација, туку и ќе ги обесправуваат и лишат студентите од застапување за своите права во циклусот на студирање. Постојат и други силни причини поради кои овие избори не смее да се признаат“, се вели во реакцијата на оваа студентска организација.
Од МОФ сметаат дека изборите се закажани единствено за да се избегне притисокот од студентските организации и движења кои бараат одговорност и легитимни претставници, и тоа на истиот ден кога побараа средба со Ректорот за ова прашање.
„Избрзаните избори се распишани на 10 јуни а се одржуваат на 30 јуни, што е прекраток период за потенцијални кандидати да соберат поддршка а студентите да се информираат. Условите за кандидирање се дискриминаторски во полза на студентите поврзани со СПУКМ на кои им требаат само 5 потписи од студентски парламенти или 1/3 гласови од пратеници на СПУКМ, наспроти 3000 студентски потписи кои би требало да ги собере секој студент кандидат кој не сака да се кандидира со поддршка на СПУКМ. Изборите се закажани по завршување на академската година, согласно Универзитетскиот календар, и во лето кога огромен број студенти не само што не се на факултетите, но се и надвор до Скопје или земјата, и не можат ни да се информираат ни да гласаат на изборите. Ова оди во прилог на СПУКМ затоа што не е потребна никаква минимална излезност за изборите да бидат валидни. Затоа, било какви избори без реформирање на студентското организирање и изборниот модел на СПУКМ се против интересите на студентската заедница и не треба да се сметаат за релевантни“, подвлекуваат од МОФ.
Претходно, Студентскиот пленум најави блокада на утрешните избори, повикувајќи ги студентите да се приклучат на бојкотот, во 12 часот пред платото на УКИМ.
„Сметаме дека студентите имаат апсолутно право да спречат избори кои се нелегални и нелегитимни, осебено земајќи предвид што комисија почна со работа и во краток рок до 15 септември треба да понуди предлог-текст до Сенатот за измени на статутот на УКИМ во делот на студенското организирање“, изјавија од Пленумот.