МОФ и Македонија во осмина финале на светското дебатно првенство за средношколци

Во текот на изминатите два дена на Светското Карл Попер дебатно првенство [KPDC] 2013 тимот на Младински образовен форум, YEF Macedonia, составен од Петар Ивановски, Симона Сарафиновска, Филип Бујароски и Борика Крушарева како нивни тренер, се пласираше во осминафиналето како најдобар тим и единствен кој победи во сите шест прелиминарни рунди.

МОФ и Македонија во 1/8 финале на светското дебатно првенство за средношколци

Светското Карл Попер дебатно првенство се одржува во рамките на Глобалниот ИДЕА Младински форум во Гелвеј, Р. Ирска од 13ти до 26ти август 2013. Во текот на турнирот дебатерите дебатираа на 2 однапред подготвени тези и 2 ненајавени тези за кои тие имаа помалку од еден час да подготват аргументација. Низ шестте рунди нашите дебатери освоија вкупно 16 судиски гласови, односно само двајца судии од 18 гласале против нив во сите шест рунди.

Секоја година Глобалниот ИДЕА Младински форум се одржува на различна тема која е актуелна во светски рамки и на која се одржуваат како дебатите така и различни предавања од областа. Овогодинешната тема е на форумот е Дигитална слобода. Тезите на кои се дебатираше на Светското Карл Попер дебатно првенство низ првите шест прелиминарни рунди беа следниве:

“Универзитетите треба да ги направат достапни за општата јавност сите академски дела кои ги произведуваат, вклучувајќи академски трудови, учебници и снимени предавања”

“Заобиколување на интернет цензура е легитимна aлатка за надворешна политика на државите“

“На работодавците треба да им биде забрането да ги проверуваат Фејсбук и останатите социјални профили на кандидатите“

“Онлајн таргетирано рекламирање базирано на кориснички профили и демографски податоци треба да биде забрането“

Slika-YEF-3

Во текот на паузата за ручек успеавме да ги контактираме дебатерите на МОФ и нивниот тренер во Ирска, за нивните првични импресии по завршувањето на дебатите:

„Навистина сме возбудени поради фактот што победивме против четири тима кои доаѓаат од англиско говорно подрачје и навистина ни значи победата против Литванија во последната рунда“, вели Петар Ивановски – дебатер. Симона Сарафиновска пак се радува со тимот на заедничките победи „ После многу напорни подготовки и месеци потрошени на читање и дебатирање, трудот се исплатеше“, додава таа.

Ова е најголемиот успех на тим од Младински образовен форум и Македонија на Светското дебатно првенство во прелиминарните рунди.

Радио МОФ обезбеди видео стрим во живо, и дебатите може да ги следете на http://www.radiomof.mk/idea-global-youth-forum-2013-galway-livestream/. На истиот линк може да ги погледнете и дебатите од прелиминарните рунди. Младински образовен форум на Глобалниот ИДЕА Младински форум има 10-члена делегација, која покрај трите дебатери и нивниот тренер ги вклучува: Георги Велковски – Главен судија на Светското дебатно првенство, Лазар Поп Иванов – Тренер и членовите на Радио МОФ тимот за видео стрим Анте Гулин, Ѓорѓи Димевски, Јована Ѓорѓиовска и Димитар Вандовски.