МОФ: Гласовите на студентите треба да бидат важни за професорите и Сенатот

„Сакаме да ги упатиме нашите честитки до студентите кои самостојно, незaвисно и транспарентно, го организираа првиот студентски референдум, како и до оние кои ги дадоа своите гласови на првиот студентски референдум. Живеејќи во услови кога студентскиот глас е злоупотребен, приклештен и практично принуден на изборите да гласа за речиси идентични кандидати кои само ќе го зајакнат монополот на СПУКМ, ова е едно од најзначајните демократски освежувања“, стои во соопштението на Младинскиот образовен форум (МОФ) по вчерашниот студентски референдум.

Ви го пренесуваме целото соопштение:

„Гласовите на 2600-те студенти кои на 5 октомври излегоа и го дадоа својот придонес кон студентскиот референдум треба да бидат посебно важни за професорите и останатите членови на академската заедница, а пред се делегатите во Сенатот на универзитетот кои во брзо време ќе имаат можност да покажат колку им значи волјата на студентите. Овие гласови се одраз на потребите на студентите и на нивната свесност за најбитните прашања во текот на нивното студирање.

На следната седница Сенатот ќе може конечно да се изјасни за еден од два модели креирани од работната група за измени на статутот на УКИМ која токму студентите ја издејствуваа за време на блокадата на изборите за нов Ректор. Оваа група на сенатот му нуди две решенија – едното во кое СПУКМ останува во формата која е, и иако е претставничка организација која се финансира од сите студенти да остане невладина организација која пред универзитетот и студентите нема одговорност – или другото во кое Студентскиот парламент ќе стане дел од телата на универзитетот и ќе носи одговорност пред универзитетската заедница. Младинскиот образовен форум како организација која веќе десетина години активно ги следи состојбите во образованието, апелира до Сенатот на УКИМ да ги уважи резултатите од референдумот и согласно истите да донесе правична одлука.

Референдумот ја враќа вербата во демократијата и улогата на студентите во универзитетот. Студентите покажа како се организираат избирачките процеси, и со достојна зрелост пристапија кон проблемот. Така, тие вчера оддржаа час по транспарентност, стручност и легалност како важни принципи во една академска заедница, но и во една демократска држава. Нивните гласови не се само бројки, туку одраз на искрена и голема посветеност, вложен труд и напор нивните колеги да добијат право на глас, и токму затоа вреди тие да бидат чуени.

Овде би сакале да напоменеме и дека досегашните студентските изборни процеси секогаш биле препознатливи како декор за легитимирање на затворена претставничка организација која ја злоупотребува позицијата да претставува илјадници за своите интереси и избегнува било каква одговорност кон студентите. Тоа го докажуваат и нашите истражувања од изминатите години во кои 69% студенти не го знаат ниту начинот на кој се избира Претседател на СПУКМ. Токму затоа овој студентски референдум, иако неформален по својата форма исто како и групата ангажирани студенти кои го спроведоа, покажа дека студентите знаат кога и како да го дадат својот глас, и дека над 2.600 од нив сметаат дека СПУКМ не смее да остане во оваа форма“, стои во соопштението на МОФ.