„Мое тело, чиј избор?“ – дебата и концерт за подигнување на свеста за безбеден и легален абортус

По повод 28 септември – Глобален ден за акција за пристап до безбеден и легален абортус, ХЕРА заедно со Младинскиот образовен форум, Tiiiit! Inc. и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, одржува дебата и концерт.

На дебатата насловена „Овој Дом верува дека политиките за абортус (не) се во прилог на македонското општество“ќе учествуваат Адела Поп Стефанија (гинеколог), Ана Мишковска Кајевска (истражувачка и активистка), Јагода Шахпаска (пратеничка), Цветин Чилиманов (новинар) и Каролина Ристова-Астеруд (професорка на Правниот факултет при УКИМ). Има за цел преку организирано и артикулирано изразување да се дискутираат прашањата поврзани со сексуалните и репродуктивните права на жените во општеството, регулативата, политиките, имплементацијата и импликациите на правото за прекинување на бременоста.

Значајноста на настанот, пишуваат организаторите, е дотолку поголема ако се знае фактот дека за првпат кај нас се случува организирано аргументирање за тема која е од особена важност за женските и репродуктивните права. Уште повеќе што во последните неколку години се бележат тенденции за законско редефинирање и ограничување на овие права, во отсуство на јавна и аргументирана дебата.

На концертот, кој ќе се одржи во МОБ Империјал салата, а ќе започне во 22 часот, ќе настапат Телемама, Милко, Христина Шекерова.

Настаните се бесплатни.