Британската модна дизајнерка и активистика Вивиен Вествуд ги изненади жителите на градот Витни, во Оксфордшир, возејќи тенк кон куќата на премиерот Дејвид Камерон.
Таа е позната по своите демонстрации против техниката што ја користи индустријата за енергетика за вадење нафта и природен гас од карпите, со помош на вбризгување мешавина од вода, песок и хемикалии. Вествуд ја осудува оваа практика и ја нарекува „злосторство против човештвото“.
Во знак на протест, во април таа покрена кампања во која познати личности се сликаа со раскрвавена кукла што ја симболизираше иднината.
74-годишната Вествуд паузираше од подготовките за Модната недела во Њујорк за да го искаже својот револт за издадените лиценци за вадење нафта и природен гас низ 1600 километри квадратни во Северна Англија.
Вествуд започна жесток напад кон премиерот во изјава споредувајќи го со диктатори и обвинувајќи го дека води режим.
„Камерон ги обвинува странските лидери, како што е претседателот Гадафи и претседателот Асад за наводно користење на хемикалии врз сопствениот народ како оправдување за промена на режимот. Но, тој токму тоа го прави во Велика Британија со вбризгување токсични, опасни по живот хемикалии врз сопствениот народ, наспроти советите на својот главен научник. Време е за промена на режимот во Велика Британија“, вели Вествуд.
Домот на Камерон, исто така беше цел на напад од страна на демонстранти кои се против вадење нафта и природен гас од карпите во 2014 година. Тие тогаш подигнаа прегради околу него со натписи „Се извинуваме за непријатностите предизвикани додека вадиме нафта под вашиот дом“.