Moby отвори вегански ресторан, целиот профит оди за заштита на животните

Moby е познат како лицето на електронската музика, уметнички фотограф и блогер на архитектура. Но, најновиот хит на диџејот е вегански ресторан од кој нема ништо да заработи.

Два месеци откако го отвори ресторанот Little Pine во Лос Анџелес, артистот роден како Richard Melville Hall најави дека ќе донира 100 посто од остварениот профит на различни хуманитарни организации за заштита на животни. Некои од организациите на кои донира пари се Humane Society of the United States, PETA и Farm Sanctuary.

Daily News: Зошто ваков потег?

Moby: Ме пораснаа прогресивни хипици и (можеби не треба да го признаам ова) шопинг на Родео Драјв и возење на автомобил од 200000 долари до Нобу не ми значи многу. Многу сум посреќен што го поминувам времето овде, работејќи на нова музика или на каузи кои се важни за мене. Ако ја погледнете историјата на филантропијата и активизмот, ќе видите дека за многу од нас активистите причината поради која ги правиме овие нешта е што нѐ прават среќни.

Daily News: Што го инспирираше ресторанот?

Moby: Порано имав неколку ресторани во Њујорк. Повеќе беа како мали кафулиња. Ми предизвикуваа стрес, ми го одземаа времето и беа скапи за одржување, но имаа емоционална вредност за мене. Задоволувачки е да влезеш во просторија која изгледа прекрасно, има убава музика и е полна со луѓе кои уживаат и јадат храна која е добра и за нив и за животните. Особено задоволство е тоа што мнозинството луѓе не се вегетаријанци. Би рекол дека најмалку 60 посто од луѓето кои доаѓаат во Little Pine не се вегетаријанци или вегани. Само им се допаѓа просторот и храната.

Daily News: Фактот што ти си сопственик е добар PR потег, нели?

Moby: Во споредба со „бредпитовците“ на светов, мојот статус на јавна личност речиси и не постои, така што не знам колку овој ресторан е важен. Нема ништо во ресторанот кое рекламира дека е мој, не се пушта мојата музика, моето име не се појавува никаде.

Daily News: Како го смисли името Little Pine (Мал бор)?

Moby: Кога се преселив во Лос Анџелес, зборував со мој пријател од Њујорк. Реков дека општо гледано, има два Лос Анџелеси: Лос Анџелес кој има палми, и Лос Анџелес кој има борови. Ја повеќе се препознавам во вториот. Освен тоа, го сакам зборот „little“. Кога ќе го ставиш тој збор пред нешто, изгледа скромно и непретенциозно.

Daily News: Дали е Little Pine твоја екстензија како уметник?

Moby: За мене Little Pine е склоп на различни нешта. Има малку креативна компонента, но има и дел со значење за заедницата. Њујорк е многу добар за тоа и има многу паркови, многу кафулиња и ресторани, а заедницата се движи на тие места. Лос Анџелес може да биде некако осамен, само затоа што му недостигаат некои од овие места за дружење. Друга причина е што треба да се подобри начинот на кој луѓето го перцепираат веганството и органското одгледување. Вообичаено луѓето мислат на зрела боранија и квасец, а светот на веганството и органската храна е многу променет. Ми се допаѓа идејата да ги претставувам тие две нешта на нов и позитивен начин.

Daily News: Кое е најизненадувачкото нешто што луѓето ќе го најдат на менито?

Имаме вегански cassoulet (традиционална француска чорба со месо и грав). Живеев во Франција пред долго време, и најдов едно мало вегетаријанско ресторанче на левиот брег (знам дека звучи многу претенциозно, но вистина е) во близина на Нотр Дам. Отсекогаш бев опседнат со идејата да направам вегетаријански cassoulet бидејќи спаѓа меѓу најтешките и најполни со месо француски рецепти. Нашиот е полесен и пожив.

Daily News: Како веганството може да го промени начинот на кој луѓето гледаат на животните?

Moby: Сите освен социопатите веќе ги сакаат животните. Мојата работа како активист за права на животните е да се обидам да направам луѓето да ја сфатат синаптичката, невролошка поврзаност и да сфатат дека ако го сакаат своето куче и не сакаат нивното куче да пати, неконзистентно е да придонесуваат кон страдањето на другите животни. Не знам ниту една личност која би била способна да убие теле или да задави кокошка, да расчеречи зајак или да претепа овца до смрт. Сите се згрозени од помислата да направат нешто такво. Но, сите јадат месо и сите носат крзно. Треба да им се претстави како да живеат поконзистентно со убедувањата кои веќе ги имале, без осуди и лекции.