Мобилни тимови за тестирање на коронавирус од следната недела

Од следната недела ќе почнат и мобилни тестирања за коронавирусот, а деновиве ќе се селектираат пошироки групи на граѓани согласно мислењето на епидемиолозите, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче. Во текот на денешниот ден пак, извести дека се регистрирани нови 24 случаи на заболени со новиот коронавирус Ковид-19 . Од нив, во Скопје се регистрирани 15 случаи, четири во Куманово, два во Дебар и по еден во Охрид, Штип и Тетово. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 изнесува 201 лице.

Од новите случаи денеска, еден пациент е заразен од Клиниката за кожни болести. Регистриран е и првиот случај на пациент од Тетово, кој пак од 9 до 23 март престојувал во Заводот за рехабилитација во Скопје.

„После враќањето назад во Тетово, преку Центарот за јавно здравје направен е тест и тој преку инфективното одделение во Тетово е препратен за хоспитализација на Инфективната клиника во Скопје. Денеска интензивно работеше тимот на епидемиолози, тестирани се 14 здравствени работници и четири пациенти. Имајќи ги во предвид контактите, како примарни, но и малиот број пациенти кои што сега се лекуваат таму, бројот е намален во изминатите денови, од вообичаените 180-90 на 40, само тешки пациенти на коишто им бил неопходен третман“, објасни Филипче.

Денеска од Клиниката за инфективни болести е испишан пациент од Дебар кој е пратен на домашно лекување во добра состојба со два негативни последователни теста, а се спрема и исписот на уште една пациентка од Скопје, која исто така има два негативни последователни тестови. Со ова, бројката на излекувани пациенти изнесува три.

Моментално, во тек е онлајн тренингот на здравствени работници кој се организира со помош на Универзитетот Браун од САД, соопшти Филипче. Во него се вклучени 20 доктори и 20 медицински сестри кои се тренираат за да станат тренери за искуствата во однос на лекувањето на овие пациенти.

„Овие луѓе ќе бидат целосно тренирани за после да го пренесат знаењето и на своите колеги, не само во институциите тука во Скопје, туку и ширум државата, во сите јавно-здравствени установи каде што има персонал кој може да дојде во контакт со овие пациенти“, рече Филипче.

Исто така, С. Македонија е примена во голема студија во избор за најсоодветна терапија за пациентите која ја води СЗО, соопшти Филипче, а во која се вклучени повеќе земји.

„Станува збор за мултицентрична студија во која се анализираат резултатите од повеќе пристапи во лекувањето, имајќи предвид дека за сите терапии во овој момент, треба да се завршат клинички студии, но веќе се влезени во препораките на повеќе земји, имајќи во предвид дека веќе дале добри резултати кај одредени групи пациенти. Согласно тоа, комбинацијата на лекови кои ние почнавме да ја даваме веќе се аплицира на нашата клиника, анализирани се и кардиолошки евалуирани сите пациенти, таму каде што е потребно е индицирано, се вклучува терапијата кај луѓето кои што се во болница и кај кои што може да се даде, согласно проценката на специјалистите по инфективна медицина“, рече Филипче.

На почетокот на април преку норвешката влада се очекува донација во респираторни машини, а дополнително одговор за донација се чека и од Амбасадата на Кина, од каде најавиле дефинитивен одговор денови. Во текот на следната недела, пак, рече Филипче, како донација треба да пристигнат и 500.000 маски и 20.000 реагенси за тестирање на вирусот.

M.K.