Мобилни куќички за улични животни во српскиот град Панчево

Ладната зима и поларните температури кои се очекуваат деновиве ќе бидат полесно издржливи за уличните животни во српскиот град Панчево, каде Собранието на општината донесе одлука да дозволи поставување на монтажни куќички за напуштени кучиња и мачки на јавните површини во градот.

Сепак, градските власти немаат набавено вакви куќички, туку нив ќе ги градат и поставуваат граѓаните и организациите за заштита на животните.

„На деловите на јавните површини може да се поставуваам монтажни куќички наменети за исхрана и престој на кучиња и мачки без сопственици, во согласност со Правилникот. Барањето за донесување одлука за користење на дел од јавна површина за поставување на куќички може да го поднесуваат здруженија на граѓани регистрирани за грижа за животни, како и Јавното комунално претпријатие, во чија надлежност е постапувањето со кучињата и мачките без сопственици“, пишува во одлуката на Градот Панчево.

Со ова, локалната самоуправа во Панчево е прва градска власт во Србија што носи ваква одлука, а поставувањето на куќичките е дополнително олеснето со тоа што за нив нема да се плаќа инаку задолжителната комунална такса.