Мобилна апликација праќа „спојлери“ од Game of Thrones на непријателите на корисниците

Апликацијата за паметни телефони Spoiled е создадена за да праќа пораки со „спојлери“ на луѓе по избор на корисникот, со цел да им го расипе доживувањето при гледање на најновата епизода од серијата Game of Thrones.

Апликацијата ги испраќа информациите од најновата епизода само неколку часа откако премиерно се прикажува на НВО. Испраќањето на „спојлери“ за секоја епизода од една сезона чини 99 центи.

Откако еднаш ќе се плати, услугата анонимно ќе праќа СМС пораки на бројот кој корисникот го избрал со најновите случки од серијата, секоја епизода.

Според креаторите на Spoiled, идејата ја добиле од „најголемата приказна за одмазда на 2016 година“, во која „безмилосна жена го измачувала поранешното момче со GoT „спојлери““, пренесува Mashable.