Мобилна апликација ќе ги известува организациите за неправедните приведувања на активистите

За Египќаните, ризикот да се биде грабнат на улица и уапсен од државните сили никогаш не бил поголем. Во првите осум месеци од 2015 година, 1250 луѓе исчезнале, покажува извештај на Египетската комисија за права и слободи.

Како одговор на тоа, организацијата ја создаде „I Protect“, апликација која им овозможува на корисниците на телефони со Андроид оператор да испратат повик за помош кога ќе бидат приведени. Апликацијата испраќа три пораки на сите контакти во телефонот и на Комисијата, како и имејл во кој е напишана локацијата на која се однесени.

Организацијата се надева дека пораките ќе помогнат за да се добие брза реакција за време на првите 24 часа од приведувањето, што е клучно да се спречи луѓето да бидат пренесени од полициска станица до поголем објект, со што станува потешко да бидат пронајдени.

Мухамед Лотфи, извршен директор на Комисијата, вели: „Да се има можноста да се зборува за апсењето на активист или протестант во првите часови од приведувањето, придонесува за спречување на трансферот на личноста од полицијата до суд во текот на првите 24 часа. Ова спречува да им се забрани комуникација при приведувањето, или уште полошо, да исчезнат. На тој начин се намалува ризикот да бидат подложени на тортура или лош третман“.

Најчесто погодени се младите луѓе, особено студентите, во поголемите египетски градови. Извештај на Амнести Интернешанал од јули покажува дека дури и деца на 14 години „исчезнуваат без трага во рацете на државата“. Извештајот вели дека има исчезнувања, при кои жртвата ја снемува во огромен заштитен објект, и му се забранува контакт со неговото семејство или легален претставник“, што е „клучен инструмент на државната политика во Египет“.

Се смета дека стотици луѓе се тајно затворени во агенцијата за национална безбедност на плоштадот Лазогли во Каиро, внатре во Министерството за внатрешни работи.

Ова не е прв пат Египќаните да создадат апликација со која се спротивставуваат на малтретирањето од страна на властите. Во 2013 година, слична програма беше создадена за да им јави на најблиските на корисникот доколку е уапсен на протест, иако се испостави дека ова е опасно за оние кои полицијата открила дека ја имаат апликацијата на телефонот.