МОБ ќе прикажува балетски претстави и опери на „Јутјуб“ – прва на онлајн репертоарот е „Лебедово езеро“

Од утре, 7 април, со почеток во 20:00 часот, на официјалниот јутјуб-канал на Националната опера и балет ќе се прикажуваат оперски и балетски претстави.

Секој вторник ќе биде резервиран за балетската уметност, додека секој петок ќе биде термин за љубителите на оперската уметност, информираат од МОБ.

„За оваа цел ќе ја користиме алатката на јутјуб-премиера која ќе ѝ овозможи на нашата публика од целиот свет да се вклучи во магијата на оперската и балетската музичка уметност. За оние коишто не се во можност да ја гледаат дигиталната премиера на нашите претстави во реално време, секоја емитувана претстава ќе биде достапна 24 часа по првичното емитување. Нашата земја, како и остатокот од светот, доживува многу тешко време, и иако не можеме да настапиме пред публика во живо, ние сме возбудени да ги споделиме нашите претстави дигитално и културно да ја поддржиме нашата публика за време на оваа криза“, информираат од Националната опера и балет.

Прва на онлајн репертоарот е балетската претстава „Лебедово Езеро” од П. И. Чајковски, потоа операта „Боеми“ од Џакомо Пучини на 10 април, светската дигитална премиера на балетската претстава „Клеопатра“ е закажана за 14 април, додека операта „Евгениј Онегин“ од П. И. Чајковски е на 17 април.

Балетот „Дон Кихот“ е на 20 април, а на 24 април публиката ќе има можност да го гледа традиционалниот концерт по повод празникот Василица насловен „Disco fever”.