МНТ со „Животот е прекрасен“ ќе го одбележи 27-ми март, Светскиот ден на театарот

Македонскиот народен театар соопшти дека својот придонес кон одбележувањето на 27 март, Светскиот ден на театарот, ќе го даде со изведба на претставата „Животот е прекрасен“ од Николај Ердман, во режија на Александар Морфов.

Самиот режисер за претставата еднаш рече дека „не е претстава за самоубиството, не е пиеса за смртта, туку за еден човек кој повторно го открива животот, открива колку животот е прекрасен“.

Од МНТ информираат и дека, традиционално, пред почетокот на претставата ќе бидат прочитани меѓународната и македонската порака посветени на актуелниот театарски миг, а кои ги сподели Македонскиот центар на ИТИ.

Автор на меѓународната порака за Светскиот ден на театарот – 27 март е Карлос Селдран – режисер, драмски писател, театарски едукатор и професор од Куба, додека автор на македонската порака за 2019 година е Југослав Петровски – драмски писател.