МНР: Непризнавањето на македонските дипломи во Турција е договорено со турските власти

Одлуката на претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган за непризнавање на македонските дипломи во Турција е резултат на претходен договор меѓу надлежните институции на двете земји, стои во соопштението на Министерството за надворешни работи.

„Донесувањето на ваквата одлука е дел од усогласувањето дека билатералниот договор од 1998 година треба да престане да важи, затоа што двете држави ја ратификувале Лисабонска конвенција (The Convention on the Recognition of Qualifications concerning Higher Education in the European) на Советот на Европа и на УНЕСКО. Наведената конвенција е усвоена во Лисабон на 11 април 1997 и е ратификувана од поголем број на европските држави (во Македонија се применува од 1 јануари 2003, а во Турција од 1 март 2007 година).

Воедно, ве потсетуваме на ставот на министерството за соработката помеѓу македонските и турските институции искажан неколку пати претходно во кој јасно истакнуваме дека Република Македонија и во моментот на државниот удар врз Турција, претходно и денес останува со целосна поддршка за демократските институции на Република Турција и во духот на пријателските односи соработува на многу полиња, меѓу кои и образованието“, се вели во демантот на МНР.