МНР: Македонските граѓани да ја напуштат Русија поради можен целосен прекин на авио линиите

Министерството за надворешни работи упатил апел до македонските граѓани кои престојуваат на територијата на Руската Федерација, да ги искористат расположливите комерцијални летови и копнени линии за напуштање на земјата. Ваквото предупредување следува поради можноста да дојде до целосен прекин на авио линиите од и кон Русија.

Покрај ова, од МНР ги повикуваат сите македонски државјани кои во претстојниот период планираат посета на Руската Федерација, да се воздржат од патувања кон истата. Оттаму велат дека се во постојана комуникација со нивните партнери и сојузници со кои на дневна основа разменуваат информации и анализи за актуелните состојби.

За поддршка на државјаните на Северна Македонија кои моментално се наоѓаат во Руската Федерација, стојат на располагање следните телефонски броеви на Амбасадата:

+ 74 99 124 33 57 (фиксен)

+ 79 58 643 34 63 (мобилен)

е-mail: moscow@mfa.gov.mk

Olivera.dimovska@mfa.gov.mk

Дополнително, македонските државјани може да се обратат и во Министерството за надворешни работи на дежурниот телефонски број +389 75 273 732 и следната е-меил адреса: globalsos@mfa.gov.mk

„Воедно ги известуваме сите нашите граѓани, кои се наоѓаат во или надвор од нашата држава, да ги следат и да се информираат само од официјалните канали на информирање кои доаѓаат од Министерството за надворешни работи, социјалните мрежи на Министерството и Амбасадата на Република Северна Македонија во Москва. Министерството за надворешни работи ќе продолжи да ги следи состојбите во Русија и навремено ќе информира за евентуални дополнителни насоки за постапување на нашите државјани“, стои во апелот од МНР.