Мнозинството Норвежани не веруваат во Господ, покажува нова анкета

Годишна анкета одговорена од 4000 жители на Норвешка откри дека оние кои одговориле со „не“ или „не знам“ на прашањето „Дали верувате во Господ“, сега се далеку побројни од оние кои рекле „да“. Ова е прв пат да има ваков резултат на анкетата, а се спроведува веќе 30 години.

Од испитаниците, 39 посто одговориле со „не“ кога ги прашале дали се верници, во споредба со 37 посто кои сѐ уште имаат верба во Господ. Преостанатите 23 посто не знаат дали веруваат дека постои Бог.

Кога анкетата била одржана прв пат во 1985 година, дури 50 посто од Норвежаните рекле дека веруваат, а само една петтина рекле „не“.

Жан-Пол Бреке од Ипсос Норвешка, кој ја води анкетата, вели дека пред 30 години „процентот на оние кои велат дека не се сигурни бил речиси ист“.

Бројките покажуваат јасна промена од пред само две години, кога бројот на верници и бројот на атеисти бил сѐ уште ист.

Во главниот град на државата, Осло, само 29 посто рекле дека се верници, а во ретко населената област Вест –Агдер на североистокот на земјата, верниците биле застапени со 44 посто.

Бреке потенцира и дека сите религиозни групи не биле подеднакво претставени во анкетата, а „Господ“ не е строго дефиниран во прашањето.

„Може да биде христијански Господ, или независен бог од било која друга религија. Вклучени се многу малку имигранти, но мнозинството од нив припаѓаат на западните религиозни традиции. Имаме анкетирано многу мал број муслимани“, вели Бреке за The Independent.