Мнозинството граѓани не знаат за Законот за слободен пристап до информации

Мнозинството граѓани (52%) сè уште не знаат дека постои Закон кој им го гарантира правото на слободен пристап до информациите, покажува последното истражување на Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) спроведено на национален репрезентативен примерок за да го оцени знаењето и запознаеноста на граѓаните со Законот и со правото на слободен пристап.

Според анкетите, граѓаните се најзаинтересирани за прашањата во врска со животната средина, а најмалку за информациите за работата на Владата и министерствата.

Една петтина од граѓаните лично барале пристап до информациите, а една третина од нив иако сметаат дека барале информации од јавен карактер всушност барале приватни информации, што укажува на ниското познавање и користење на ова право.

Одговор добиваат само една половина од граѓаните кои бараат информации. Само 5% од оние кои не добиваат информации го искористуваат правото на жалба. Додека најголемиот број граѓани (42%) немаат некоја особена причина зошто не бараат јавни информации или пак не се заинтересирани за нив (31%), значителен дел од граѓаните се обесхрабрени или демотивирани.

Граѓаните сè уште ги преферираат традиционалните начини на комуникација со јавните институции, но значителен дел би ги користеле и новите компјутерски технологии. Една четвртина, и покрај Законот, сè уште би користеле врски и пријатели за да дојдат до бараните информации.

Големо мнозинство граѓани имаат позитивен став во врска со Законот и веруваат дека тој ја зголемува транспарентноста и довербата во институциите. И покрај позитивните ставови за Законот, граѓаните генерално не веруваат дека имаат брз и лесен пристап до јавните информации (со исклучок на информациите од образовните установи), покажува истражувањето.

Истражувањето ги опфаќа и барателите (граѓаните) и имателите на информации, затоа што на тој начин се добива сеопфатна слика за правото на слободен пристап до информациите до јавен карактер и неговото почитување, но и познавање во Македонија.

Имателите на информации во најголем дел спровеле одредени активности за да се усогласат со Законот и за да овозможат негово поефикасно спроведување. Сепак, дури една четвртина не презеле никакви активности. Мнозинството од имателите на информации примиле барања за слободен пристап до информациите од јавен карактер во текот на последнава година. Бројот на оние кои примиле барања во просек е многу мал (до 10). Ова повторно укажува на ниското познавање на ова право во македонското општество.

Граѓаните најчесто бараат информации за склучени тендерски договори, по што следуваат информации за одлуки и статистички податоци. Една третина од имателите на информации сметат дека Законот не ја зголемил транспарентноста или не знаат дали тој предизвикал некоја значајна промена во нивната работа.

Имателите на информациите се поделени околу прашањето дали граѓаните премногу очекуваат од Законот, запознаеноста на граѓаните со Законот и активното промовирање на Законот. Четири од 10 иматели сметаат дека постои дискрепанца помеѓу она што се декларира како транспарентноста во работата на државните институции и она што се спроведува во практиката. Секој десетти имател на информации има потешкотии во имплементирањето на Законот.

И имателите со потешкотии во имплементацијата на Законот и оние без се проблеми се согласни околу тоа дека обуките за имателите и медиумската кампања за информирање на граѓаните се неопходни за да се надминат проблемите и пропустите во имплементацијата на Законот. Најголемиот број (високи 70%) иматели го запазуваат законскиот рок за реализација на барањата на граѓаните. Сè уште постои страв од давање информации, а санкции за прекршување на Законот се применуваат во само петина од институциите. Само половина од имателите оствариле комуникација со Комисијата.