„Многу убаво“ – Казакстан ја прифати фразата на Борат за туристичка кампања

Казахстан, родната земја на измислениот лик Борат Сагдиев, ја прифати неговата популарна филмска фраза „Многу убаво!“ во официјална кампања за туризам.

Во новиот филм со Борат, филмскиот новинар ја опишува неговата татковина како мизогина, хомофобична и антисемитска држава, додека истиот наратив се провлекува и во првиот филм со овој хумористичен лик. Во првиот дел Борат, кој го глуми актерот и комичар Саша Барон Коен, е загрижен дека ако филмот нема добар успех ќе биде погубен.

Но покрај овој прилично ужасен опис, заменик-директорот за туризам на Казахстан, Кајрат Садвакасов, изјавил дека ја прифаќаат популарната фраза на Борат во нивна кампања која „ќе го прикаже идеалното светло на Казахстан и големиот туристички потенцијал“.

Четирите различни рекламни спотови прикажуваат туристи како планинарат со селфи (и велат: „Многу добро!“), пијат ферментирано коњско млеко („Ммм, ова всушност е многу добро!“), се воодушевуваат на архитектурата („Ууу, многу добро!“) и позираат за фотографија во народни казахстански носии („Тоа е многу добро!“).

„Природата на Казахстан е многу убава, храната е многу убава, и луѓето, со кои Борат се шегува, се многу убави. Сакаме сите да го доживеат Казахстан самите со тоа што ќе ја посетат нашата земја во 2021 и понатаму, па да можат да видат дека родната земја на Борат е подобра од тоа што можеби слушнале“, релол Садвакасов за Хафингтон Пост.

Идејата за кампањата дошла од Американецот Денис Кин, кој дошол во земјата на средношколска размена, а потоа соработувал со казахстански професор на Универзитетот Стенфорд. Откако имал многу слободно време поради пандемијата, тој и негов пријател ја предложиле идејата до туристичката управа на Казахстан и веднаш добиле дозвола за четирите реклами кои траат по 12 секунди.

Овој одговор на новиот филм е многу поразличен од тоа како реагираше земјата на првиот филм со Борат. По премиерата во 2006 година, владата на Казахстан објави реклама во американските весници во кои ги оспоруваат дел од тврдењата во филмот и ја претставиле земјата како модерна. Рекламата била објавена заедно со слика на тогашните претседатели на двете држави Назрбаев и Буш како се ракуваат.