Ако во изминатите години беа донесени низа позитивни мерки за вработување лица со посебни потреби, сепак многу е мал бројот на фирми што ги користат поволностите што ги нуди државата, а не ретко доаѓа и до ситуации во кои работодавците вработуваат лица со посебни потреби само за да ги искористат бенефициите кои следуваат од државата, пренесува Мета.
Ова го покажуваат резултатите од проектот „Градење капацитети на организации за помош на лица со посебни потреби во Македонија“, кој е поддржан од ЕУ, а спроведуван од Фондацијата за одржлив економски развој „Преда плус“, во соработка со Здружението на студенти и на младинци со хендикеп.
„Следејќи ги статистичките податоци за бројот на невработени лица со посебни потреби, за жал, може да заклучиме дека од година во година очигледен е порастот на бројот на лица со посебни потреби кои бараат работа, но не наидуваат на вработување од страна на домашните компании“, велат од „Преда плус“.
Споредено со мерките што ги практикуваат земјите членки на Европската Унија, Македонија воопшто не заостанува.
„Доколку се земат предвид сите позитивни поволности и мерки за да се намали бројот на невработени лица со посебни потреби, очигледна е потребата од зголемување на свесноста на домашните менаџери и компании за потребата од обезбедување работни места за лицата со хедикеп“, додаваат од таму.