Едвај еден процент од студентите на УКИМ искористиле шанса за учење во странство

Помалку од еден процент од студентите ја искористиле можноста да поминат семестар или студентска година во странство преку програмите за мобилност, покажува истражувањето за моменталната состојба на академската мобилност, на Младинскиот образовен форум, спроведено на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

УКИМ учествува во повеќе програми за мобилност на студенти и академски кадар како Еразмус Мундус, Еразмус+, Басиелус, Јоин Еусее, Еравеб, Еуровеб, а има склучено соработка со 102 универзитети. Според истражувањето, во периодот од 2010 до 2014 година, вкупно 168 студенти искористиле некоја од програмите за мобилност, од кои 157 имаат студирано семестар или студентска година во странство.

„Стратешкото планирање е особено значајно прашање кога зборуваме за унапредување на мобилноста на национално ниво. Министерството за образование и наука ја има усвоено европската стратегија на „European Higher Education Area“ за унапредување на мобилноста, меѓутоа тоа што е проблематично е што нема изготвено национални документи преку кои што ќе се инплементираат овие стратешки определби“, вели Моника Божиновска, од Младинскиот образовен форум.

Меѓутоа, истражувањето покажало дека факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ не се гледаат себеси како надлежни за стратешко планирање во насока на унапредување на мобилноста на факултетите. Десет факултети од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ одговориле дека немаат усвоено мерки за унапредување на мобилноста во согласност со препораките на Европската високообразовна област. Шест од нив, упатиле на универзитетот, како одговорни за ова прашање, додека останатите факултети кажале дека реализираат мерки преку програмите кои ги спроведува универзитетот.

Гоце Величковски од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност ја посочи како добра можност програмата Еразмус+, која подржува студентската мобилност за студирање, за стажирање, како и за размена на наставен кадар.

„Од 2015 година со отворањето на новата акција „107“, која е соработка помеѓу програмски и партнерски земји, мобилноста се шири на светско ниво, со која студентите и професорите ќе имаат можност да присуствуваат на универзитети низ целиот свет“, посочи Величковски.

На трибината, зборуваше и студентот Ведран Диздаревиќ, кој ги сподели своите позитивни и негативни искуства за време на своето студирање преку Еразмус во Риека, Хрватска.

Моника Кочовска