Мламбо-Нгчука, UN Women: Доколку постои волја, постои и начин да се стави крај на насилството врз жените

По повод отпочнувањето на годинешната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“под слоганот „Кажи НЕ на насилството врз жени и девојчиња“, своја изјава даде извршната директорка на UN Women, Пумзиле Мламбо-Нгчука.

Изјавата на Мламбо-Нгчука на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените ја пренесуваме во продолжение:

Сведоци сме на тесната поврзаност помеѓу пандемијата од ковид-19 и порастот на пријавеното насилство од сите видови. Ние тоа го нарековме пандемија во сенка. Исто така, гледаме разлика помеѓу начинот на кој нашите општества и нашите јавни служби реагираат кон граѓаните кои се соочуваат со болест што е опасна по живот и оние кои доаѓаат на помош кога се соочени со партнер кој го загрозува нивниот живот или здравје. Видовме дека целиот свет реагира на пандемијата на коронавирусот, со сите свои сили, адекватни инвестиции и протоколи поддржани со решителност. Државите од сите континенти ги увидоа катастрофалните последици од здравствената пандемија и потребата таа да се запре на сите можни начини.
Насилството на мажите врз жените исто така е пандемија – тоа постоеше пред вирусот, и ќе го надживее. За него, потребен е нашиот глобален, координиран пристап и протоколи што можат да се спроведат.

Насилството погодува голем број на население од сите возрасти. Само минатата година, 243 милиони жени и девојки доживеале сексуално или физичко насилство од својот партнер. Оваа година сме преплавени од извештаи за зголемено семејно насилство, сајбернасилство, детски бракови, сексуално вознемирување и сексуално насилство.

Ако направите тест за да видите дали имате инфекција од коронавирусот, никој нема да ве праша каква облека носевте кога се заразивте или дали сте пиеле алкохол. Со сигурност може да очекувате дека вашиот тест ќе биде лабораториски обработен и со голема веројатност ќе ви биде пружена медицинска помош. Одговорот нема да зависи од тоа дали некој ќе ви поверува или не.

Нема да почувствувате таков срам поради кој, најверојатно, нема ни да се обидете да одите кај надлежните. Притоа, може да очекувате грижа и поддршка.

Колку само би било едноставно да се стави крај на насилството на мажите врз жените преку вакцинирање. Колку само ќе беше добро реакцијата на насилството да беше финансирана во ист обем како и нашиот одговор на вирусот и неговите влијанија врз нашите општества и економии. Замислете, да ја инвестиравме истата количина на експертиза и енергија во изнаоѓање на одржливо, глобално решение. Замислете каде ќе бевме доколку сите лидери, вклучително и раководители на држави, се откажаа од сè за да ја водат борбата, доколку вработените на првата линија на фронтот, како обвинители, судии и полициски службеници работеа на спасување животи на жени и девојчиња онака како што тоа го прават здравствените работници, и доколку
министрите за финансии одвоеја средства и обезбедеа форензички лаборатории и медицински сетови за утврдување на силување како што обезбедуваа опрема за лична заштита и услуги за тестирање. Замислете, сите тие да го стореа тоа додека не ја израмневме кривата на насилство врз жените. Замислете какво ќе беше влијанието.

Ние сме на почетокот на одговор што ветува и може да се прошири за да биде сразмерен на предизвикот. Досега, 146 земји презедоа мерки за спречување и справување со насилството врз жените и девојките како клучен дел од своите национални планови како одговор на ковид-19 и одговор на повикот на генералниот секретар на ООН за „мир во домот“ како клучен дел од активностите на ООН во следната деценија. Но, тоа сè уште не е суштински дел од агендите, и промените сè уште не се на потребното ниво.

Соработката помеѓу научниците, владите, граѓанското општество и индустријата е клучна за да се дојде до пресврт во борбата против пандемијата од ковид-19. Таков пристап, но многу повеќе од тоа, е обемот и природата на соработка неопходни за да се стави крај на насилството врз жените и девојките, во сите сектори, и на општествено, заедничко, семејно и индивидуално ниво. Форумот во рамките на Генерацијата еднаквост и акциските коалиции го рефлектираат овој конзистентен, холистички пристап со петгодишен план за вклучување промени што ќе бидат систематски и трајни.

Граѓанското општество е клучен партнер во ова. За да ја одигра својата улога целосно, тоа мора да добие пристап до флексибилни ресурси, а ограничувањето на средствата за покривање на потребите на женските невладини организации, кризните центри, давателите на СОС услуги и шелтер центрите мора да се сведе на минимум. Иницијативата Спотлајт на ЕУ-ООН е водечка во оваа сфера – и другите треба да се приклучат за да се дојде до одговор што навистина ќе направи разлика. Во моментов, жените се изневерени од нивните избрани претставници, а ограничените капацитети на невладините организации не се во можност да ја пополнат празнината. Пакетите за фискални стимулации на секоја земја треба да вклучуваат одредби за ставање крај на насилството врз жените и за соодветно финансирање на социјалните услуги – при што е клучно да се вклучат одредби за сексуално и репродуктивно здравје – како поддршка на жртвите во правец на закрепнување.

Жените мора да имаат целосен пристап до правдата, со сигурно гонење на сторителите на насилство и ефикасно спречување на овие злосторства. Една од причините што жените пријавуваат помалку од 40 проценти од сериозни насилни дејствија врз нив или бараат помош од каков било вид е нивниот недостаток на доверба во одговорот од системот. Пресвртот треба да го овозможат правните факултети и полициските академии кои ги учат своите колеги да препознаат и да одговорат на злоупотреба и да знаат да ја препознаат дискриминација. Тоа значи да се стави крај на неказнивоста, со силни законски и политички рамки, и податоци кои ќе овозможат следење на напредокот и ќе ни помогнат да се повикаме самите, и надлежните институции, на одговорност.

Подеднакво важни се и културните промени што помагаат да се спречи насилството врз жените и девојчињата. За ова, ние треба да ги надминеме стереотипите и ставовите што доведуваат до тоа жртвите да се срамат, а сторителите да се оправдуваат и нивните дела да се сфаќаат како нормални. И тука мора да соработуваме со сојузници и да ги вклучуваме и мажите и момчињата. На крајот на краиштата, додека вирусот е неселективен, еден маж или момче може да избере да не биде насилен, и општеството може да го насочи да биде ненасилен и да биде повикан на одговорност доколку е.

Сите овие интервенции мора да се вршат истовремено, континуирано, во соработка и во обем што
може да доведе до успех. Економското влијание од насилството е едноставно и разорно. И тука никој не е добитник. Сите губиме и треба да му ставиме крај. Во период кога се соочуваме со застрашувачки последици од ковид-19, никогаш немало поважен момент да се решиме да ги ставиме сите наши заеднички ресурси и посветеност во правец на решавање на најгорливите проблеми и засекогаш да ставиме крај на насилството врз жените и девојчињата. Знаеме што е потребно за битка против пандемија.

Сега ни треба волја да го сториме тоа, и со Генерацијата еднаквост да го покажеме патот.