Младите во Македонија имаат што да кажат, но кој ги есапи?

Македонското општество не поттикнува култура на реакција, граѓанска проактивност, дебата. Дали младите лесно се вклопијa во македонскиот амбиент на молк и на девалвирање на критичката мисла, анализира Дојче веле.

Младите во Македонија имаат што да кажат, но кој ги есапи?

„Истражувањата покажуваат дека младите се способни да ги препознаат проблемите, но немаат доверба дека ако дејствуваат нешто ќе се промени. Сметаат дека можат да бидат загрозени или едноставно- не се информирани како можат да постапат“, вели Дона Костуранова од Младински образовен форум(МОФ).

Системска недоверба

Според последното истражување, 79% од студентите никогаш не гласале на студентски избори. За 51% членувањето во студентска организација е можност за запознавање нови луѓе. Најголемите лоцирани проблеми се носењето одлуки без консултации со студентите кои ги претставуваат, работата на студентските претставници за лични интереси и водењето на организациите од тесен круг на луѓе. Во средните училишта пак, се покажа дека средношколците немаат право на глас во органите на управувањето во ниту едно од анкетираните училишта.

„Истражувањето што го спроведовме во 2011- за социјалниот капитал на средношколците, извади загрижувачки информации. Покрај тоа што 45% од анкетираните средношколци сакаат да ја напуштат земјата за 10 години, резултатите покажаа дека тие се скептични дека на каков било начин можат да помогнат да се решат локалните проблеми. Повеќе од две третини сметаат дека ништо, односно малку можат лично да променат за да се решат проблемите во нивниот град. Дополнително загрижувачки, секој четврти средношколец е само-деклариран социјално исклучен млад човек “, вели Костуранова.

Младите- проблем или ресурс?

Критичкото размислување, дијалогот, охрабрувањето отворено искажување насвоето мислење и иницијативноста- никогаш не биле во македонските училници. А ги нема и надвор од нив.

Намалениот активизам и иницијативност не може да се гледаат како нивна вина. Тешко е да се очекува младите да бараат да бидат претставувани и да се самоорганизираат на локално ниво, кога такви примери одвај и да постојат кај нас. Може да се сочувствува со студент кој се плаши дека би можел да го изгуби леглото во студентски дом ако побара подобри услови во него. Но, недопустливо е да се обвинуваат младите за пасивност или незаинтересираност, кога одговорноста за нивниот активистички дух и можност да се застапуваат за своите потреби зависи од тоа што им го обезбедиле и покажале образовните институции и пошироко- заедницата.

Во Македонија преовладува гледањето на младите од страна на возрасните како проблем на кој треба да му се помогне, да се реши и да се насочи, а не како ресурс кој е способен сам да одлучува и да придонесува во општеството. Така, наместо да се самоорганизираат и застапуваат, младите гледаат форми за претставување кои прават многу малку за нив и ја губат довербата“, вели Костуранова.

Креативна (ре)акција

Неформалното образование, работата во групи, волонтерството, младинските иницијативи и достапноста на информации се формите на поттикнување на тимска работа, слободно изразување, а кои ги пропушта македонското образование. Преку работилници за филм, фотографија, перформанс, креативно пишување и илустрации, проектот „Креативна младинска акција: Кој се плаши од молкот лош?“ на студентската организација „Излез“ -испраќа порака .

„Сакаме на младите да им понудиме простор и начин да го искажат својот став и мислење, да изградат култура на реакција преку, за нив- поблиски медиуми; да допреме до јавноста, да нè слушнат и да видат дека младите реагираат во врска со некои прашања кои нив ги засегаат- тие ги препознаваат проблемите и на овој начин ги истакнуваат. Пасивноста е последица на неинформираноста за нивните права, но и за обврските што ги имаат кон општеството“, вели Наташа Ѓорѓиевска, координатор на проектот на „Излез“.

Демократијата се учи и- дома

Младите луѓе во Македонија немаат искуство со практикувањето демократија- правото на дијалог и учество, слободата на изразување и различност- ниту во училиштето ниту во семејството.
„Со својата насилно-пасивизирана позиција, тие ја плаќаат највисоката цена по сопствениот развој и иднина. А ние тоа го гледаме и не нè загрижува“, вели за ДВ Лина Ќостарова- Унковска, психолог, истражувач, активист за детски и човекови права при Центарот за психосоцијална и кризна акција.

Кон младите се однесуваме крајно контрадикторно и непринципиелно, со конфузни двојни пораки. Наместо да создаваме услови за нивните развојни потреби, ние или не ги забележуваме или ги критикуваме дека се неодговорни додека истовремено ги презаштитуваме- што се сведува на исто- тие да се почувствуваат неважни, слаби и немоќни како учесници- прво во сопствениот живот, а потоа и во општеството. Тие растат со уверувањето дека ќе успеат во животот само ако има кој за нив да се погрижи и ја „играат “ таа доделена улога- се пасивизираат или стануваат некритички силни и моќни. Ваквата зависност ги прави подложни на секаков вид манипулации што во едно недемократско општество како нашето, лесно ги претвора во плен на нашите можни поделби, партизации и други видови условувања“, вели Ќостарова- Унковска.

Самодовербата, независноста, истрајноста, љубопитноста, манифестирањето интерес и иницијатива се тесно поврзани со поттикнувањето и искуството кај децата во првите пет години од животот- велат од УНИЦЕФ.

„Децата кои се стимулирани во семејството, постигнуваат подобри резултати и се поактивни и во училиште и подоцна во животот, како возрасни. Во Македонија, не сите родители и оние кои се грижат за децата- ја разбираат важноста на стимулирањето на развојот на овие особини. Затоа УНИЦЕФ го поддржува унапредувањето на пристапот до квалитетни програми за раниот детски развој“, вели за ДВ, Бертранд Демулан, претставник на УНИЦЕФ во Македонија.