Младите во фокус: Скопје домаќин на едно од најголемите дебатни случувања во Европа

Неделава Скопје ќе биде домаќин на Европското средношколско првенство по дебата (EuroSDC) откако во 2024 година на гласањето за избор помеѓу двата града Скопје и Милано, токму Скопје беше одбрано како конечен избор на средношколците за одржување на овој престижен настан во европски рамки.

Организацијата на EuroSDC 2026 е доверена на Младинскиот образовен форум (МОФ), најголемата и најактивна дебатна организација во Македонија, која веќе 27 години го развива дебатното движење и континуирано ги испраќа најдобрите средношколски дебатери на меѓународни натпревари. Заедно со IDEA – International Debate Education Association, МОФ ќе го координира целиот настан, кој претставува едно од најзначајните годишни собирања на млади европски дебатери.

По тој повод редакцијата на Радио МОФ разговараше со Дора Смилевска и Георги Божиновски кои се организатори и домаќини на ова европско првенство и кои ни открија како изгледал изборот на Скопје како домаќин за 2026 година.

Европската дебатна заедница организираше специјален состанок на кој секоја земја кандидат за домаќин ги претставува кандидатурите, а секоја земја учесник гласа за следниот домаќин. По презентациите на двете понуди, Скопје ја доби довербата на мнозинството европски делегации, кои го препознаа капацитетот, искуството и стабилноста на македонската дебатна заедница, велат тие.

Сепак, како што откриваат процесот на изработка на кандидатурата и оправдување на причините зошто Европското дебатно првенство треба да се случи токму во Скопје годинава, е долготраен и сериозен процес, кој бара темелна анализа, добра подготовка и презентација на сите услови и околности под кои евентуално би се организирал настанот.

Процесот на изработка на кандидатурата беше сериозен и темелен, траеше подолг период и вклучуваше внимателна подготовка на секој сегмент: од избор на локации и логистички решенија, до презентација на придобивките од одржување на турнирот во Скопје. Целиот тим работеше на тоа градот да биде прикажан во најубаво светло, посебно имајќи предвид дека првенството паѓа на самиот почеток на пролетта — период кога Скопје е најживописно и најгостопримливо, велат тие.

На крајот тимот успеал да ја стекне довербата на мнозинството делегати и нивната кандидатура се покажала како најиздржана, што дополнително ја зацврстило довербата кај гласачите во постапката за изборот.

Турнирот ќе се одржи од 28 февруари до 2 март и тоа во неколку етапи. Прелиминарните рунди ќе се одвиваат во СУГС „Орце Николов“, додека финалните натпревари и церемонијата на затворање ќе бидат сместени во Младинскиот културен центар.

На EuroSDC 2026 се пријавени повеќе од 250 учесници од 25 европски држави, што го прави овој настан едно од најмасовните и најзначајни дебатни случувања кои некогаш се одржале во земјава.

Дебатата во World Schools формат претставува еден од највредните образовни модели за млади, кој преку аргументација, јавен настап и критичка анализа ги поттикнува учениците да развиваат медиумска писменост, логичко размислување и способност да ја разберат комплексноста на различни општествени ставови, велат организаторите.

Според нивните наводи домаќинството на EuroSDC за Македонија претставува признание за долгогодишната работа на Младинскиот образовен форум и за силната дебатна заедница што успешно опстојува речиси три децении. Идејата на настанот, според организаторите е воедно и позиционирање на земјата како значаен чинител на европската младинска и образовна сцена и нуди ретка можност повеќе од 250 млади од целиот континент да го запознаат Скопје и македонската дебатна традиција одблизу.

На настанот покрај средношколци од 25 европски држави, ќе биде присутен и дипломатски кор од неколку европски земји, а присуството го потврдија и други релевантни општествени чинители од Европа и Македонија. Настанот кој е со фокус на младите, отвора значајни прашања за нивното позиционирање на европски план како значаен субјект во носење на одлуки, но и градење на ставови кои се релевантни за заедницата.