Младите со свои пораки до македонската делегација на Генералното собрание на ОН

Младинската мрежа Y-PEER Mакедонија ги испрати своите пораки до македонската делегација на Генералното собрание на ОН. На јавниот настан и дискусија што вчера се одржаа во кафе кнжарницата „Магор“ во Скопје, тие ги предадоа младинските разгледници со пораки од младите од Македонија и „Mладинските препораки за пост-2015“ на претставници од Министерството за надворешни работи. Тие пак понатаму ќе треба да ги достават до македонската делегација која ќе учествува на престојното Генерално Собрание на ООН.

Согласно форматот на настанот, овозоможен беше и простор за кратка дискусија на темите: младинско учество, развојна агенда и „што по Генералното Собрание на ОН“.

„Сведоци сме на фактот дека процесот на подготовка на новата развојна агенда и глобалните цели за одржлив развој отворија можност за различни дискусии на сите нивоа и со многу голем број актери околу креирањето на нашата иднина. Младите од Република Македонија ја препознаа и ја искористија оваа можност да ги искажат своите очекувања и потреби. По завршување на Самитот на ОН за одржлив развој претстои потешкиот процес на имплементација на агендата и целите на национален план“, изјави Сања Зографска Крстеска, претставник од Министерството за надворешни работи.

Од Y-PEER Македонија пак потсетуваат дека за неколку дена, ќе се здружат 193 земји-членки на Обединетите нации кои треба да ги усвојат глобалните цели за одржлив развој.

„Целите за одржлив развој се храбар план кој треба да го зацрта патот кон вистински напредок на човештвото и планетата до 2030-та година. Овој план е од витално значење за животот на 8 милјарди луѓе, од кои 1,8 милјарди се млади луѓе. Никогаш немало повеќе млади луѓе на светот, ние сме свесни за тоа и сакаме да се осигураме дека нашиот глас е чуен“, велат од мрежата.

Во пресрет на новата развојна агенда на ОН беа организирани низа активности со младите од Македонија,  а мрежата доби поддршка од 47 македонски младински организации и крила на политички партии за документот „Младински препораки за пост-2015“.

„Веруваме дека институциите и нивните претставници треба да вложат максимални напори за застапување на младинските прашања и потреби, вистински инвестиции и подобрување на областите клучни за нивната благосостојба“, додаваат од  Y-PEER Македонија.