Младите со посебен акцент во декларацијата од Самитот на ЕУ и Западниот Балкан

Младинска лабораторија за Западен Балкан, проширување на опсегот на РИКО, како и засилена поддршка за образованието се меѓу главните приоритети за младите кои се наведени во декларацијата која ја усвоија лидерите на Европската Унија на вчерашниот Самит на Европската Унија и Западниот Балкан кој се одржа во Софија.

„Посебен акцент ќе биде ставен на креирањето натамошни можности за младите, истовремено обезбедувајќи тоа да придонесе за социоекономскиот развој на Западен Балкан“, стои во еден од заклучоците на декларацијата.

Во агендата на приоритети, која е вклучена во декларацијата, наведени се неколку посебни сегменти за младите на кои ЕУ и земјите од Западниот Балкан треба да се посветат во следниот период:

– Засилување на поддршката за образованието, особено започнување пилот-проект за мобилност во стручното образование и оспособување.

– Двојно финансирање за регионот во рамките на Еразмус+, вклучително воспоставување „Младинска лабораторија на Западен Балкан“ во 2018 година, со што ќе се создаде простор за политички иновативно решавање на потребите на младите и справување на „одлевањето на мозоците“.

– Проширување на опсегот и на дострелот на Регионалната канцеларија за соработка на младите и воведување интрарегионален план за мобилност.

Помеѓу останатите приоритети во декларацијата наведени се и: зајакнување на поддршката за владеење на правото и добро управување; зајакнување на ангажираноста во однос на безбедноста и на миграцијата; зголемена поврзаност; дигитална агенда; и поддршка на помирувањето и на добрососедските односи на Западен Балкан.