„Младите се важен партнер во создавањето успешни политики“ – Царовска на средба со студентските претставници

Министерката за образование и наука Мила Царовска, денес се сретна со претставници на Универзитетските студентски собранија.

Од Министерството информираат дека на состанокот се разговарало за сите прашања кои се поврзани со младите и нивното квалитетно образование, но и за зајакнување на соработката помеѓу МОН и собранието на студентите, како и воопшто со сите млади во државата.

„Студените и младите ќе бидат еден од клучните партнери на министерството во креирањето на успешни политики со кои ќе создадеме современо и квалитетно образование, но и ќе работиме на подобрување на младинскиот живот и стандард“, истакнала Царовска.

Студентските претставници на средбата ја презентирале Декларацијата за млади, образование и иднина пред Министерката Царовска, документ за јавни политики во високото образование креиран од Универзитетските студентски собранија на универзитетите „Свети Кирил и Методиј“, „Гоце Делчев“, „Мајка Тереза“ и „Климент Охрдиски“.

„Доколку навистина сакате светла иднина за нашето општество, образованието мора да бидеприоритет на идната власт. Сакаме да имаме светла иднина во нашето општество. Вистински и безрезервно! Образованието претставува не само најсериозна инвестиција во нашата иднина туку и основа за опстанок на оваа заедница. Младите во Северна Македонија имаат потреба од квалитетен образовен систем кој ќе им создаде можности за еднаков натпревар со нивните врсници од странство. Во моментов „полето за културен натпревар“ повеќе наликува на планина, а ние, сигурно, се наоѓаме на подножјето на таа планина“, стои во воведот на Декларацијата со која студентите бараат промени во високото образование.

Претставници на студентите информираа и дека на Министерката и го пренеле нивното барање за отварање на студентските домови и решавање на проблемот со групата на студенти која не доби домашни платежни картички.