Младите претприемачи имаат идеи, но им треба полесен пристап до финансии

IMG_2814Со финансиска помош од своето семејство и поддршка од проектот на Усаид за микро и мали претпријатија, на почетокот на оваа година Ристе Андонов, млад претприемач од Кавадарци го отвори својот мал погон за рециклирање пластика од отпадни шишиња. Со технологијата набавена од Кина, во процесот на преработка на шишињата како краен производ се добиваат ситни ПЕТ парченца, а целото производство заминува во Германија. Но, работата на еден претприемач не е лесна, посебно кога почнува нов бизнис.

„Засега работиме само ноќна смена, бидејќи тогаш струјата е многу поевтина“, вели младиот менаџер додека објаснува зошто за време на нашата претпладневна посета не може да ги пушти машините и да покаже како се одвива целото прозводство.

Сепак, додава тој, планот е полека да почне да го шири бизнисот, а веќе од ноември се подготвува да воведе втора смена.

IMG_2819Посетата на Радио МОФ во овој погон беше направена во рамки на медиа турата во чии рамки беа посетени неколку компании со кои соработува проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија, имплементиран од Центарот за развој на претприемачи и менаџери ЦЕЕД Македонија. Како што објаснува Тања Марковска, проектен менаџер во Усаид,  клучен проблем за претприемачите е немањето пристап до финансии и кредити од банките, посебно во случајот кај малите и нови бизниси.

„Токму затоа ние го воспоставивме инвестицискиот фонд за микропретпријатија (МИФ)кој нуди еден нов, алтернативен начин на финансирање на фирмите “, вели Марковска.

Фондот е структуиран така што делумно влегува во сопственоста на фирмата, најчесто со околу 10 отсто кај микро претпријатијата и учествува во стратешките одлуки, при што вработените во фондот го пренесуваат своето знаење , искуство и контакти на менаџерите во фирмата.

„Ние бараме претприемачи кои се млади по дух, желни да прават нови работи, да се посветат себеси целосно на потфатот кој го преземаат. Нема старосна граница , но претежно претприемачите се од младата и средна генерација. Конкретно преку овој фонд не се поддржуваат стартапи, но се поддржуваат фирми во многу рана фаза на развој, така што сие заинтересирани може да аплицираат и да бидат разгледани од комисијата за инвестирање“, појаснува Марковска.

IMG_2801-1024x768

Со овој проект досега се направени 5 инвестиции во микрофирми во земјава. Младите луѓе овде имаат идеи, дециден е Јован Маџовски од ЦЕЕД Македонија, но предизвик е да се биде претприемач во овие времиња.

„Денеска е навистина потешко да се биде претприемач отколку пред 10-15 години. Сега останува младите да пронајдат бизнис кој  го нема, што е навистина тешко бидејќи има сè и конкуренцијата постои на сите полиња. Идеите сега се во тоа да се најдат мали сегменти од пазарот кои големите, веќе постоечки фирми, македонски или странски, неуспешно ги одработуваат. Тука е просторот за младите претприемачи“, вели Маџовски.

Втор проблем според Маџовски се финансиите и затвореноста на банките за новите бизниси, но тој е уверен дека кога младиот човек е упорен, вреден и има јасна визија, ќе успее во својата намера.

Покрај инвестицијата за рециклирање пластика во Кавадарци беше посетена и скопската компанија Геонет што работи во областа во имплементација на напредни ГПС решенија, а својата приказна за искуството како млад претприемач ја раскажа и Кристина Керкез од Сертиадриа, регионална едукативна и сертификациона компанија во ИТ индустријата која работи во Јадранскиот регион.

IMG_2827-1024x768

Инвестицискиот фонд за микропретпријатија е формиран во јуни 2012 година, како приватен фонд финансиран од УСАИД, со почетен капитал од 800.000 долари. Со одредени исклучоци, за секоја компанија со која соработуваат се одвојуваат помеѓу 50.000 до 100.000 долари.

Ј.Ј.