Здружена реакција со осуда на нападот на Русија врз Украина упатија младинските делегати при Обединетите Нации од 19 држави, меѓу кои и од Северна Македонија.
„Нашите мисли се со украинскиот народ, особено со младите луѓе кои ќе ги претрпат најлошите последици од нападите. Најостро ги осудуваме неодамнешните активности на владата на Руската Федерација. Овој разорен, неиспровоциран напад ги крши основните човекови права, меѓународното право и територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“, се вели во нивната реакција.
Тие се загрижени поради кршење на Повелбата на ОН и игнорирањето на повиците за дипломатија и смирување.
„Младите гледаат кон своите лидери и прашуваат каков свет ќе наследат. Прекршувањата на меѓународниот систем заснован на правила се опасност за нашата иднина. Апелираме за итен прекин на огнот за да се спасат животите на милиони цивили. Ја истакнуваме важноста на мирот од перспектива на младите и ги повикуваме Обединетите нации, особено Советот за безбедност на ОН, веднаш да реагираат за да се врати меѓународниот мир и ред“, се вели во здружената изјава.
Младинските делегати во ОН остануваат во солидарност со Украина и обединети во поддршката за нејзиниот територијален интегритет и слободата на нејзиниот народ самостојно да одлучува за својата иднина.
Свој повик за дијалог упати Регионалната канцеларија за младинска соработка на земјите од Западен Балкан (РИКО), како одговор на состојбата со Русија и Украина. Оттаму велат дека војната никогаш не била пат што води напред.
„Она што носи е само страдање. РИКО и младите од регионот потсетуваат дека единствениот пат кон подобра иднина е дијалогот и разбирањето како клучни европски вредности. Само заедно можеме да направиме подобра иднина”, гласи нивната порака.
„Како што безбедносната ситуација во Европа се влошува, ние од Западен Балкан сме целосно свесни за последиците од војните со оглед дека ги искусивме не толку одамна”, додаваат тие.
Од организацијата истакнуваат дека е потребна поголема соработка за надминување на негативните ефекти од пандемијата.
„Треба да направиме нашите општества да процветаат и нашата младина да биде оптимист за својата иднина”, се вели во реакцијата.
Лидерите на Европската Унија синоќа одобрија нови санкции против Русија поради инвазијата на Украина, која ги вклучува финансискиот сектор, енергетскиот и транспортниот сектор, како и контрола и финансирање на извозот, визна политика и дополнителни списоци на руски поединци. За денес, пак, е закажана средба на министрите за финансии на ЕУ.
Вчера украинските сили се бореа со руските напаѓачи околу речиси целиот периметар на земјата, откако Русија изврши масовен напад по копно, море и воздух. Ова се смета за најголемиот напад на европска држава од Втората светска војна.