Младите порачуваат: #ЌеГласам затоа што лошите политичари се избрaни од оние кои не гласаат

„Ќе гласам“ е пораката која изминативе неколку дена постојано циркулира на социјалните мрежи, а која е дел од младинска кампања за покревање на свеста за избирачките права. Подобар образовен систем, правично судство, нормални услови за живот и работа, се само дел од причините зошто младите би гласале на престојните избори, закажани за 11 декември.

Главната цел на оваа кампања е да покаже дека учеството во еден од најважните демократски процеси – а тоа се изборите во една држава, е момент каде се покажува дека младите се одговорни граѓани и граѓанки кои го практикуваат своето учество во владењеето на народот во сопствената држава. Во неа активно се вклучија младински активисти од повеќе градови во Македонија, Младински образовен форум, Млади европски федералисти и Фондација отворено општество Македонија.

„Секој ден правиме различни избори во нашите животи, од ситните дилеми каде да се излезе вечер, дали да се оди со автобус или пеш, до значајните прашања како изборот на професија или одлуката каде ќе се живее. Оваа година имаме можност за уште еден избор, кој можеме да го направиме на 11 декември. Сите велат „младите се идинината“. Ако сакаме да бидеме тоа, треба активно да учествуваме во демократските процеси во оваа држава, да бидеме информирани и самостојни во нашите избори. Затоа, избери што сакаш!“, се вели во описот на кампањата.

Во продолжение, запознаете ги младите кои се решени да го дадат својот глас на изборите придружени од нивните лични причини за да го направат тоа:

Весна Трајковиќ

#ЌеГласам зошто преку глава ми е да газам во кал, да се возам во скапана 24ка, да дишам загаден воздух, да трчам по шалтери, да издржувам лица што седат дома а земаат плата, да плаќам скапа струја, да плаќам бифтеци на министри, да чекам пап-тест пет месеци, да не ме тепа полиција, да не ми касни социјалната помош. #ЌеГласам за да не ме згази некој на пешачки па да се шета слободен, да не се сечат дрва среде ноќ, да се олабави со стиропор и лажни фасади, да нема сиромаштија, несреќни луѓе“ – Весна Трајковиќ.

Ивана Давидовска

#ЌеГласам затоа што лошите политичари се изберени од оние кои не гласаат. Затоа што политиката не засега сите и ние имаме право да ја избереме каква ќе биде. Затоа што верувам дека најлош избор е да не избереш. Затоа што мене ме засега, како ќе биде во Македонија по 11 декември? А тебе?“ – Ивана Давидовска.

Јаков Спасов

#ЌеГласам зошто знам дека мојот глас ќе значи и дека со него ќе успеам да направам промена на подобро за сите. Ќе гласам зошто тоа е основата на демократијата“ – Јаков Спасов.

Драгана Гунин

#ЌеГласам затоа што ми е преку глава. Преку глава од иселувања, преживувања и смрт. Изгубени години, потрошена младост, празни погледи и улици.. Од сиромаштија, неедуцираност, кичерај, никакви услови за живот, денови без мир и раат а со болка, гнев, тага, бес и немоќ.. Преку глава ми е да живеам во страв, мислејќи кое зло ќе го донесе денот. Да ја сонувам слободата место да ја имам. Преку глава ми е со години да се борам со чудовиште кое голта се’ пред себе! Ќе гласам за да имам слобода и достоинствен живот“ – Драгана Гунин.

Блажен Малевски

#ЌеГласам поради тоа што е должност на сите граѓани на Македонија да одлучат кој ќе ги застапува нивните интереси и кој ќе ги води институциите на Македонија. Со молчење и некористење на правото на глас дозволуваме другите да одлучуваат за нас. Само преку гласање на што повеќе граѓани на Македонија можеме да ја вратиме слободата и правдата. И за крај #ЌеГласам за сите претходни генерации кои што се бореле за слобода и ние денес да имаме право да одлучиме“ – Блажен Малевски.

Сара Миленковска

„Младите се оние кои носат свежи идеи и прогресивни промени. Тие се оние кои ќе ја земат иднината во свои раце. Избирам да учествувам во создавањето на подобри нешта.
Не се откажувам од правото да одлучам што е подобро. Се лажам ако кажам дека не избирам со својата пасивност – така се покорувам пред судбината и станувам нем сведок на сегашноста“ – Сара Миленковска.

Ирена Мила

„Јас #избирам дека #ЌеГласам, зошто не сакам да ни се повторат уште Тамари. Зошто не сакам ќерка ми да доживува стрес пред секое екстерно полагање. Зошто не сакам татко ми да искача од болничко лекување со нови инфекции. Зошто не сакам да гледам како го силуваат Скопје и секој здив (дрвјата) ни ги сечат. Зошто не сакам некој да ме потецнува дека го менува општеството, а тоа тоне во депресија и #сиромаштија. Затоа што не сакам да ми замине и последнит другар кој ми остана. #Ќегласам за нов живот во Македонија“ – Ирена Мила.

Љуми Бекири

#ЌеГласам затоа што политиката го крои секој дел од мојот живот, па јас ќе одлучам каква политика ќе биде тоа.
Ќе гласам не само за политички претставници во Собранието или општа политичка понуда, туку ќе гласам за здравство, образование, човекови права, правда, слободни медиуми и други аспекти што треба да сочинуваат една современа демократска држава. Ќе гласам за иднина каква што заслужуваме сите“ – Љуми Бекири

Зоран Кардула

#ЌеГласам бидејќи очекувам враќање на слободата, демократијата и владеење на правото. Ќе гласам за да можат младите својата иднина да ја гледаат тука, ќе гласам за да нема повеќе дискриминација на лицата со посебни потреби и тие да се третираат како рамноправни граѓани, ќе гласам зошто мојот глас ќе помогне да ставиме крај на фашизмот …. и уште милион причини зошто сите треба да излеземе на гласање“ – Зоран Кардула.

Дона Костуранова

егласам затоа што тоа е моја граѓанска должност, затоа што тоа е најмалку што можам да направам за нашата земја, затоа што сакам да бидам дел од луѓето кои се свесни и сакаат да одлучуваат за својата иднина, затоа што мислам дека тоа си го должиме на себеси и нашата иднина“ – Дона Костуранова.