Младите писатели и режисери без финансиска помош од Министерството, комисиите одлучуваат „зад кулисите“

Нејасни критериуми и различно толкување на приоритетите, правила „отворени за интерпретација“ и непознати суми, се дел од поплаките на младите уметници за овогодинешниот избор за проекти од културата и уметноста кои влегоа во годишната програма.

Една недела откако беа објавени проектите содржани во годишните програми на националните установи, книжевното издаваштво и театарската уметност, реакциите на културните работници сѐуште не стивнуваат.

Многумина обвинуваат дека Министерството за култура одлучува со одредени привилегии за едни уметници, за сметка на други. Не е секогаш јасно кои се членови на комисиите, нема објавено јасни критериуми, а сосема нетранспарентно е и колку пари се доделени за различни прифатени проекти.

„Членовите на комисијата за издаваштво обично се знае кои се, а во Македонија тоа е јавна тајна. Многумина навреме ‘фаќаат некоја врска’ и слично. Мене ако ме прашувате, не изгледа како да има никаков критериум, никој не го пласира тоа. Нема рецензија зошто некој проект е прифатен“, вели младиот писател Ненад Јолдески.

Тој конкурирал претходно во 2012 година, кога го прифатиле неговиот проект со кој аплицирал преку издавачката куќа Темплум, заедно со уште една книга на Иван Шопов.

„Претпоставувам дека тоа беше трошка – и на Темплум нешто да им се даде. И двајцата бевме тазе наградени и веројатно тоа беше дел од калкулацијата“, забележува Јолдески.

Вели дека не го изненадува изборот на министерството, бидејќи секоја година се распределувале проектите без критериуми, според подобност и „за да не се налути некој“.

Но, кога веќе нема јасни критериуми, вели, логично би било македонската литература да има предност.

„Оваа година е факт дека е десеткувана младата генерација на книжевници. Срамота е, голем дел од тие луѓе се веќе докажани автори. Не правиме муабет за големи суми, туку за 500 евра за авторот и уште толку за печатење. Знаеме колку пари троши Македонија и на што. На македонската книжевност ако не можат да ѝ дадат илјада евра, навистина не знам што може да се каже“, подвлекува тој.

Слични ставови има и Ѕвездан Георгиевски, новинар со долгогодишна работа во културна рубрика и писател.

„Аплицирав прв пат во мојот живот со книга колумни со проблематиката на медиумите, преку издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ. Тогаш бев одбиен, но и на ИЛИ-ИЛИ им беа одбиени сите проекти. Конкурирав, бидејќи сметав дека Министерството треба да препознае важност на медиумите во Македонија во конкретниот миг. Но, можам да речам и очекувано, тоа не се случи“, раскажува за единствената негова апликација изминатата година.

Георгиевски вели дека најголем проблем е што годинава  нигде не биле објавени јасни критериуми.

„Издавачите не можеа да направат стратегија според тоа што го бара Министерството. Втор проблем е што никој не ги знае членовите на комисијата за да ги праша“, вели тој.

Додава и дека е убеден, иако не може да потврди, дека во однос на издавачките куќи голема улога изиграла политичката подобност.

„Министерството, најмногу преку министерката, покажа еден детски инает од типот на ‘Вие ми го боевте министерството, сега чекате од мене пари’. Јас, иако сум опозициски настроен кон власта, мислам дека да конкурирав преку подобен издавач ќе добиев на конкурсот“, смета новинарот.

Проектите се од национален интерес, бидејќи тоа се национални пари, додава. Буџетот е народен и нормално е дека сѐ што финансира државата е од национален интерес, но ние таа фраза смета дека прегрубо и преголемо ја сфаќаме. Национален интерес во одреден момент, вели тој, може да биде било кој жанр кој Владата решава да го поттикне и промовира.

„Овде сѐ се сведува на поситни интереси, на братучеди и другари, објавуваме книги на познаници и луѓе кои ни помогнале во нешто. Се работи за тоа кој ја објавува книгата, а не што има во неа. Се работи за моментални интереси и терање инает. ИЛИ-ИЛИ, на пример, како издавач е многу погоден бидејќи не доби ниту еден проект. Меѓутоа, среќа што тие средства се мали и културата ќе издржи и без нив“, заклучува Георгиевски.

Јолдески споменува дека Санде Стојчевски, претседател на Комисијата за издаваштво, учествува во разни комисии во областа на литературата години наназад.

„Тоа е проблемот, има одредени луѓе од постарата генерација на писатели кои се како крлежи фатени и само цицаат. Тоа се пар луѓе кои го прават тоа и очигледно е дека веќе треба да биде оттргнати од нивните функции“, обвинува тој.

Над 12 автори чии проекти биле одобрени годинава, биле финансирани и лани, извести Телма. Тоа е спротивно на еден од приоритетите наведени во конкурсот, дека се поддржуваат дела на истакнати автори кои не биле поддржани во последните две години.

Има голем број на одобрени преводи од странски јазик на сметка токму на младите автори.

Од одлуката на Министерството за овогодинешната програма, подеднакво пати и театарската уметност.

Режисерот Слободан Унковски вели дека не му се познати критериумите на комисијата и никогаш не ги сретнал некаде објавени.

„Не е познато како се одлучува и мислам дека е повеќе сведено на други услови кои не се ниту уметнички, ниту културни. Она што е особено важно, а не е транспарентно, е и колку пари биле одобрени за оние проекти кои поминале. Ако не ги знаете парите, не знаете ништо“, истакнува тој.

Додава и дека многумина од луѓето чии проекти биле одобрени од театарската дејност му се непознати, иако долги години работи на оваа сцена и ги познава своите колеги.

Дополнителен проблем кој не е разјаснет, е што на некои луѓе не им се прифаќа ниту еден проект, а на други им се одобрени повеќе.

На прашањето на Радио МОФ дали некогаш слушнал за „црна листа“ уметници за која се шпекулира веќе некое време, вели дека не може да тврди дека постои нешто што не е во негова сопственост.

„Но, очигледно е дека има луѓе кои се избегнуваат. Ако ниеден театар од Скопје, Битола итн. не ме кани да работам неколку  години, има некој проблем или со мојата работа, или со нивните одлуки. Јас сѐ уште работам надвор од Македонија и во независни театри, и не сметам дека не сум во форма да го правам она што го знам“, вели Унковски.

Додава и дека од многу голем број негови поранешни студенти на режија, само на двајца им бил одобрен проектот.

Стефанија Тенекеџиева