Младите од „Ума Сто“ со донаторска акција спасуваат стогодишен објект, сакаат да стане центар за културни и едукативни активности

Здружението „Ума Сто“ започна донаторска кампања за обнова на објект стар околу 100 години во селото Умин Дол. Објектот е лоциран на околу 10 километри југозападно од Куманово, а младите го добило на трајно користење. 

Станува збор за зграда со посебна историска вредност, проектирана од рускиот емигрант Владимир Антонов, белогардеец кој по Првата светска војна работел во Општина Куманово.

„Сакаме објектот да стане центар за културни и едукативни активности – работилници, пролетни излети, детски екскурзии и разни настани што ќе го оживеат селскиот туризам. Но, предходно е потребна сериозна интервенција, прво е неопходно да се замени кровот за да се спречи понатамошно оштетување. Нашата желба е да го сочуваме овој објект и да му дадеме нов живот, во служба на селата и идните генерации. Секоја помош е добредојдена – било парична, било во градежен материјал“, посочуваат од Здружението „Ума Сто“.

Донаторската кампања е во тек, а  заинтересираните можат да помогнат преку платформата https://whydonate.com/fundraising/we-need-your-support-for-a-new-roof

Во фандрејзерот пишува дека се работи за група млади луше од малото село Умин Дол, родени и израснати тука, притоа вложиле многу напор да го промовираат ова село како туристичка дестинација.

„Почнавме од нула пред неколку години и локалното население беше скептично, но ние знаевме дека правиме нешто вредно за заедницата… и бевме во право. По само три години напорна работа, започнавме да организираме настани и да пречекуваме групи – локални и странски посетители за да ја споделиме со нив нашата кујна, традиција и секојдневен живот. И тогаш се случи трансформацијата во заедницата. Токму затоа ни е потребна оваа стогодишна камена куќа, за да ја претвориме во центар, хаб за нашите гости. Таа има потреба од сериозна санација и ни е потребна вашата помош за да го оствариме тоа. Покривот протекува и мора да преземеме нешто пред да започнат зимата и обилните дождови“, стои во фандрејзерот.

Локалните донатори не сакале да поддржат инфраструктурни проекти, па затоа се обраќаат јавно.

„Се обраќаме кон луѓето кои знаат дека заедно можеме да направиме голема промена со мала донација и да ги трансформираме животите на луѓето во нашата мала заедница“, соопштуваат младите од Здружението.

Бојан Шашевски