Младите од Струга до Жбогар: Како да се сопре градоначалникот да издава дозволи за градби покрај езерото

Отпадот во Пацификот, пожарот во Нотр Дам, зачувувањето на Охридското езеро и Законот за јазиците, беа дел од темите на кои се фокусираа учениците од гимназијата „Ибрахим Темо“ во Струга за време на дискусијата со евроамбасадорот Самуел Жбогар. Низ едночасовната дискусија, тие разменија искуства. Амбасадорот се обиде да ги пренесе вредностите на Европската Унија, а учениците побараа мислење за проблемите со кои се соочуваат.

„Како можете да го сопрете нашиот градоначалник да издава дозволи за градење нови згради и ресторани во близина на езерото со оглед на состојбата во која се наоѓа биодиверзитетот?“, праша ученичка.

„Но, градоначалникот само што ми кажа дека тој не го прави тоа“, одговори Жбогар.

Неговиот одговор предизвика громогласна смеа во училницата. Ретко кој поверува.

Евроамбасадорот се осврна на проблемот со Охрид и препораката на УНЕСКО да биде ставен на Листата на загрозено светско наследство.

„Навистина е тешко да си дел од листата на УНЕСКО. Тоа е направено пред 40 години и штета е да го изгубите тоа како нација, држава и град“, им рече Жбогар.

„Со години УНЕСКО ги нагласува проблемите, но се чини дека државата не прави доволно“, посочи тој.

Учениците го прашаа и за преговорите за влез во ЕУ. Сакаа да знаат кога нивната земја ќе биде спремна да се приклучи во европското семејство.

„Не е важно колку време ќе траат преговорите, важно да се почне“, забележа тој.

Но, тоа не ги охрабри младите. Тие се пожалија дека локалните институции не одговараат на нивните потреби.

Ученици изминативе две години правеле еко-акции низ градот, собирајќи пластика од јавни простори и домаќинствата. Успеале да соберат над 700 килограми пластика, која ја однеле на рециклирање во „Пакомак“. Сепак, помош не добиле од струшкото комунално претпријатие, туку од Охрид.

„Како градоначалникот да биде повеќе заинтересиран? Зарем не треба да бидеме поддржани од градоначалникот?“, го прашаа учениците евроамбасадорот Жбогар.

Тој им вети дека ќе ги вклучи во новата кампања „Чисто како дома исто“, која во наредниот период ќе ги промовира локалните еко-активисти и ќе побара одговорност од градоначалниците за овие проблеми.

Но, учениците побараа закон кој ќе ги натера вистински властите да преземат нешто, бидејќи, како што велат, „ветувањата се прекршуваат“. Побараа и возило со кое ќе можат да ја собираат пластиката од домаќинствата.

Дел од присутните се пожалија и на неспроведување на Законот за јазици. Албанските ученици велат дека ситуацијата воопшто не е сменета по донесувањето на законот.

Дел од замерките се однесуваа на отсуство на албански писатели во школската програма, лоши преводи од албански на македонски, но и за ситуации во институциите каде не се зборува друг јазик освен македонскиот.

Учениците спремни со прашања и за глобалните проблеми

Како и во претходните градови, и овде евроамбасадорот ги праша учениците што ЕУ значи за нив, на што доби одговори како: отворени гранинци, развиена економија, поголеми можности, подобри односи со другите држави, обединување, образование, пријателство, помалку војни…

Иако на средбите меѓу евроамбасадорот и учениците не се повикани властите и школските директори, вчера непосредно пред средбата се појави и градоначалникот Рамиз Мерко кој ги повика учениците „да го замараат амбасадарот со прашања“.

За време на дискусијата, тој ги спомена изборите за Европскиот Парламент, каде секоја земја членка избираше свои членови.

„Овие избори беа гледани како битката помеѓу две европи. Едната Европа со вредностите кои ги спомнавте, а другата Европа се државите кои сакаат да ја ограничат. Тие не сакаа да ја градат Европа како заедница“, посочи Жбогар.

„Резултатот е – скептичните партии го зголемија својот број во ЕП. Но, од друга страна, не се зголемија толку колку што стравуваме. Големиот дел се’ уште се за Европа што ја имаме сега“, надополни тој.

Младите од Струга се загрижени и за климатските промени. И тие се инспирирани од борбата на младата Грета од Шведска, па го прашаа евроамбасадорот што ЕУ прави за да ги спречи. Според Жбогар, ЕУ презема акции, но тоа мора да го прави и секоја држава-членка во своите граници.

Дел од учениците, пак, изразија несогласување што за опожарената катедрала Нотр Дам се дале милијарди евра, додека во Пацификот пловат тони отпад.

Одговорот за ова, вели Жбогар, лежи кај моќта на медиумите и како тие предизвикуваат емоции кај публиката за два различни настани.

„Сите се поврзуваат со Нотр Дам, слушнале за неа, дури и да не биле во Париз, ја виделе во филмови. Знаеме и за островот со отпад, сме виделе слики и видеа, но не е толку присутно. Мислам дека само ова е разлика. Ако некој може тој проблем да го направи емоционален, тогаш би имало реакција. Се е во мобилизацијата, а медиумите овде играат важна улога“, рече тој, додавајќи дека недостасува лидерство.

„За отпадот во Пацификот се уште некој не размислува дека сме дојдени до точката дека мора да се направи нешто. Ние не го сфаќаме толку сериозно за да направиме нешто, барем нашите лидери. Треба светските лидери да ги натераме да почнат, па другите ќе продолжат“, додаде евроамбасадорот.

Вакви дискусии се предвидени со средношколци од повеќе македонски градови, на кои младите ќе ги споделуваат своите ставови и прашања и ќе добијат повеќе информации за начинот на кој функционира ЕУ.

Настанот беше организиран во склоп на Проектот за младинско изразување, финансиран од Европската Унија.

Е.П.