Младите од Скопје се дел од жирито на европскиот филмски ден на млада публика

На 5. мај,  стотина млади од Скопје на возраст од 12-14 години ќе се вклучат во уникатиниот пан-европски настан на Европската филмска академија. Настанот ќе се одржи во Кинотеката на Северна Македонија со почеток од 8:30 часот. Младите од земјава, заедно со врсници од 55 градови низ Европа ќе проследат исклучителни филмски остварувања наменети за млада публика и ќе бидат дел од меѓународното жири кое што ќе одлучува за најдобриот филм во оваа конкуренција. Наградата од млада публика (EFA Young Audience Award) е официјална категорија во рамки на Европските филмски награди организирани од страна на Европската Филмска Академија и ЕФА Продакшнс.

Целта на настанот е да овозможи размена на мислења на младите од Европа, да ја подигне свеста за важни општествени прашања како и да поттикне мултикултурна комуникација и толеранција. Уникатната природа на овој настан им овозможува на младите да го збогатат своето искуство и преку филмот да дознаат повеќе за европските приказни,  земји, националности, култури и општества и активно ја ангажира младата публика во улогата на одлучувачко жири.

Годинава номинирани се следниве филмови:

OLD BOYS   во режија на Тоби Мекдоналд (Велика Британија/Шведска)
LOS BANDO во режија на Кристијан Ло (Норвешка / Шведска)
FIGHT GIRL во режија на  Јохан Тимерс (Холандија/Белгија)

Во паузите помеѓу филмовите младите од Скопје ќе добијат можност преку директна врска (Chat Booth) да стапат во контакт со своите врсници од другите европски градови вклучени во настанот и да споделат впечатоци. По проследување на трите номинирани филмови, многу дискусии и забава младите ќе можат преку онлајн врска да ја проследат и официјалната церемонија за доделување на награда од млада публика која традиционално се одржува во Ерфурт, Германија каде ќе бидат соопштени резултатите од гласањето од сите земји и на крајот на денот ќе биде доделена  Наградата од млада публика.

Настанот во Скопје е во организација на Европската филмска академија и Агенцијата за филм од каде најавуваат дека се во преговори од наредната година настанот да се прошири и во други општини низ земјава.