Младите најмалку ја искористиле домашната платежна картичка

Вкупно 309.337 граѓани ја искористиле домашната платежна картичка, а вкупниот реализиран промет изнесува 26,5 милиони евра, соопшти министерката за финансии Нина Ангеловска.

Според сумираните податоци од мерката „Купувам домашно“, од околу 330 илјади кои биле на листите, платежната картичка ја зеле 309 илјади граѓани, додека од вкупно префрлените 28,3 милиони евра кон банките, искористени се 26,8 милиони евра за издадени картички. Од нив, како што посочи Ангеловска, 26,5 милиони евра се потрошени за купување на домашни производи, а разликата, ќе биде вратена во Буџетот.

Најголема реализација или 97 проценти има кај невработените лица и здравствените работници, а најниска кај младите лица (90 проценти).

Доделените средства и картички се распоредени на 113 илјади невработени и приматели на социјална помош, кому им се доделени 16,5 милиони евра, на 111 илјади вработени со ниски примања – 5,4 милиони евра, на 81 илјада млади- 4 милиони евра и на 4 илјади здравствени работници- 900 илјади евра.

Граѓаните кои ги имаат домашните платежни картички ќе можат и понатаму да ги користат, но како нормални дебитни картички.

Оваа мерка беше донесена во склоп на третиот сет економски мерки на Владата за намалување на последиците од кризата предизвикана од Ковид-19.