Младите – најлесно заведени од националистичките протести

Младите - најлесно заведени од националистичките протестиМалолетниците доминираа на протестите кои го одбележаа минатиот викенд, во кој 27 лица беа повредени. Оштетени приватни возила, запалени автобуси, каменувани полициски автомобили, скршени стакла, хаос низ улиците на главниот град…

Изборот на Талат Џафери за министер за одбрана повторно ги потпали меѓуетничките односи, а улиците на Скопје за момент наликуваа на бојнo полe, со најмладите во првите редови. Зошто токму национализмот најчесно ги мобилизира младите, а тоа не можат да го направат собирите на кои се дискутира за нивните вистински проблеми, како невработеноста или студентското организирање?

Професорот од универзитетот ФОН Здравко Савески за Радио МОФ вели дека ваквите протести покажуваат колку во Македонија се е промашено во борбата против национализмот.

„Некој свесно го користи национализмот како средство за одвлекување на вниманието на граѓаните од реалните проблеми. Страшно е што во Македонија овој механизам се користи нон-стоп и на доста краток временски период. Набрзо потоа граѓаните стануваат свесни дека се манипулирани и следниот пат повторно паѓаат на истата евтина финта“, вели Савески.

Според него, младите треба да се запрашаат што нив повеќе ги интересира, дали национализмот или пак некои други реални проблеми, како лошите услови во студентските домови.

Izjava na profesor Zdravko Saveski za Radio MOF by Radio Mof on Mixcloud

„Голем проблем е и образованието кое им се дава на младите, особено проблем се учебниците по историја кои се преполни со национализам. Македонските ученици учат дека Македонците секогаш биле обесправени, додека албанските ученици дека Албанците секогаш биле обесправени. Мора да се направи темелна ревизија на учебниците и отстранување на обилниот национализам во нив“, додава тој.

Соња Стојадиновиќ, магистер по политички науки, смета дека младите ги мобилизира национализмот кој директно се сервира од партиите , кои немаат ништо да понудат од политичката програма и секогаш играат на таа карта.

„На младите во земјава им се покажа дека ако се сака вработување, мора да се членува и слуша партијата и тие слепо без приговор извршуваат секакви задачи, дури и насилство, сметајќи дека со тоа иднината им е осигурана. Секогаш, пред секои избори, партиите креираат меѓуетнички тензии, насочувајќи го гласачкото тело воопшто да не помислува да гласа за друга партија, апелирајќи им дека „другите“ ги загрозуваат и треба да гласаат за нив за да ги заштитат“, додава Стојадиновиќ.

Од младинските организации велат дека младите не смеат да бидат жртви на туѓи каузи, насилство, полициска бруталност или етикетирање, а кога станува збор за нивните проблеми да немаат механизми да се самоорганизираат и дејствуваат. Претседателот на Младинскиот образовен форум, Дона Костуранова, вели дека за да се превенира насилството и да се промовира интеграција, не се доволни само апели и реакции, туку системско решавање на проблемите.

„Потребно е на младите да им се овозможи да практикуваат граѓански активизам низ демократски алатки и нивниот глас да се чуе така, да им се овозможи да се самоорганизираат, да се избегне поделбата на младите во етнички одвоени паралелки и училишта, да се спроведува интергирано образование и да се поттикнува здружувањето и самоиницијативноста на младите на сите нивоа“, додава Костуранова.

К.О.