„Младите можат“: Менталното здравје слабо застапена тема во средните школи, треба реформирање и на училишните психолози

„Младите можат“ препорачува континуирана едукација и поддршка на наставничките и стручните служби за менталното здравје на младите. Бараат да се реформира позицијата училишен психолог и да се намалат административните задачи за оваа функција. Во рамките на училиштата да се вклучуваат младите и родителите во носењето политики, правила и интервенции, а притоа да се зголеми и соработката на наставниот и стручен кадар. 

„Младите можат“ изминатиот месец го посветија на менталното здравје на младите. Истражување на наставните програми, како и ставовите на средношколците и експертите, велат тие, покажува дека менталното здравје е слабо застапена тема во средните училишта. Меѓународните организации и граѓанските здруженија остануваат главните промотори на едукативни активности поврзани со менталното здравје.

„Кај средношколците преовладува перцепцијата дека образовните институции не поттикнуваат такви програми, туку тие се резултат на надворешни напори. Дополнително, низ разговор со средношколците може да се утврди дека постои верување дека не постои интерес за темите поврзани со ментално здравје кај професорите и дека им недостасува простор да ги искажат своите проблеми и да дадат предлози. Дел од нив, исто така, сметаат дека кај многу од професорите постои затвореност и проблемите со менталното здравје се сфаќаат како нетипична и ненормална појава“, забележуваат од организацијата.

Во однос на препораките кон образовниот систем во државата, потребно е да се креираат негувачки и згрижувачки училишта. Фокус на професори и наставници како примарен извор на психолошка поддршка на младите преку нивна едукација.

„Зголемување на стручност и број на психолози и педагози. Добросостојбата, резилиентноста, поврзаноста и инклузијата се важни да се развиваат наспроти постојан фокус на дисциплина и перформанс“, посочуваат од организацијата.

Визијата на „Младите можат“ е сите државни институции рутински да имплементираат и мониторираат стратегии и мерки за ментално здравје на млади, со силна поддршка од граѓанските организации и директно вклучување на младите.

„Овие стратегии е важно да стигнат до сите млади, вклучувајќи ги и маргинализираните и ранливи групи. Понатаму е важно да се прилагодат на контекстот во кој живеат младите и да бидат соодветни за развојните потреби според возраста, наместо унифицирани мерки. Психосоцијалните интервенции во своето базично ниво имаат цел да обезбедат потребни стандарди за здравје, безбедност и достоинство на младите и нивните семејства“, велат од организацијата.

Фото: Pexels / Spencer Selover

Со своето петгодишно искуство во промовирање и поттикнување на менталното здравје, истакнуваат дека веќе имаат своја програма. Односно, потпрограми, една за ментално здравје за наставници, училишни психолози и стручен кадар, која е за воннаставни содржини за средните стручни училишта, модуларно дизајнирана за I, II, III и IV години гимназиско и стручно образование.

Втората, пак, се однесува на врсничка едукација за ментално здравје кај средношколци.

„Програмата започна со креирање и ажурирање на прирачник за врсничка едукација за ментално здравје од стручен тим експерти. Во процесот, преку интензивен тренинг се обучуваат млади врснички едукатори за ментално здравје кои го усовршуваат креираниот прирачник и се обучуваат да работат согласно прирачникот. По нивно усовршување започнува самиот процес на врсничка едукација, односно серија на едночасовни работилници од млади за млади на теми: ментално здравје, грижа за себе, врски и односи, промени и подршка, како да се понуди прва психолошка помош“, потенцираат од „Младите можат“.

Треба подобрување и во здравствениот сектор

Периодов тие споменаа потреба за измени и во Законот за здравствена заштита. Односно – психолог за секое младо лице.

„Ваквото решение ќе има мултидимензионален ефект и тоа: достапност на услугата во здравствените установи ширум државата што сега не е случај, побрзо надминување на стигмата и секако позитивни финансиски импликации (олеснувања) врз буџетот на младите и нивните семејства за услугите поврзани со менталното здравје за чие моментално чинење сме сите свесни“, велат од „Младите можат“.

Останатите препораки за здравствениот сектор се движат во насоки за кампањи за важноста за менталното здравје кај младите, но и начините на грижа за него. Меѓу другото, бараат да се развијат и канали на соработка на матични доктори со институции под МТСП, МОН и МВР и дефинирање на протоколи за комуникација, пријавување и постапување при состојби на семејно насилство, врсничко насилство, злоупотреба на супстанции, интернет зависност, рани знаци на бихејвиорални и ментални нарушувања.

„Соработка со Комора на Психолози, психотерапевтски ординации и УК за Психијатрија во подготовка на материјали за медицински лица од примарното здравство и материјали за обуки. Спроведување на обуки со матични доктори за препознавање и постапување во ситуации на: знаци на семејно насилство или врсничко насилство, знаци на одредени ментални потешкотии, злоупотреба на супстанци и слично. Отворање на Центри за ментално здравје за деца и млади во сите реагионални центри во Македонија: во кои ќе функционираат мултидисциплинарни тимови. Дневни центри и Дневни болници за превенција на проблеми со менталното здравје на деца и млади“, се дел од препораките за здравството.

МТСП да потегнат измени и во социјалниот сектор

Препораки имаат и за Министерството за труд и социјална политика (МТСП). Освен постојаната едукација, бараат да се назначи и стручен кадар што ќе работи со училишни установи на ниво на општина.

Фото: Unsplash / Еmma Simpson

„Во соработка со образовни и здравствени установи мапирање на деца од ранливи семејства, деца кои растат во конфликтни семејни системи, со насилство, деца кои растат во сиромаштија, деца кои се во едно родителски системи, деца со девијантно однесување, деца од семејства со болни родители. Понатаму, да се обезбедува социјална помош на деца од сиромашни семејства, училишни материјали, бесплатен превоз и психосоцијална поддршка организирана во училиште или социјални центри во редовен временски интервал“, велат од „Младите можат“.

Гледаат потреба и од развој, односно подобрување на програмите за психосоцијална поддршка на млади во групи во социјалните центри, но и на постоечките програми за вработување на млади од ранливите категории.

СЗО: Едно од седум деца на возраст до 19 години ќе пројави ментално нарушување

Светската здравствена организација (СЗО) веќе инфомираше дека, на глобално ниво, едно од седум деца на возраст до 19 години ќе пројави ментално нарушување. Дополнително, наведе дека депресијата, анксиозноста и пореметувањата во однесувањето се најчести проблеми кај младите.

„Хиперактивноста и проблеми со вниманието се исто така дел од проблемите со кои се соочуваат младите. А самоубиството е четврта по ред причина за смрт помеѓу 15-19 годишните“, потенцираат од „Младите можат“.

Се проценува дека три четвртини од проблемите со менталното здравје се појавуваат пред 25тата година. Секој четврти човек се соочува со проблеми со менталното здравје во некој период од животот.

„Овие податоци укажуваат на потребата уште од најрани години да се посвети внимание на менталната добросостојба на младите. Сепак, многу деца и млади се борат во тишина, со чувство на неразбраност, стигма и недостаток на сеопфатна иницијатива која го промовира и штити менталното здравје. Дури и во развиените земји, постои период од повеќе години на одложување на третман од почеток на симптоми, а се претпоставува дека само околу 20% од младите го добиваат соодветниот третман навремено. Додека пак на национално ниво, за жал, не постојат јавно достапни информации за точен број на третирани млади по психолошки и психијатриски установи и приватни ординации. Дополнително не постојат никакви официјални статистики во однос на млади кои се соочуваат со било каква психолошка потешкотија“, забележува организацијата.

„Младите можат“ во 2019 спроведе истражување за перцепциите на младите во средните училишта за менталното здравје и грижата за истото. Истражувањето беше спроведено на 425 ученици од државните средни училишта.

„Повеќе од половина од младите во средните училишта сметаа дека менталното здравје е табу тема во државата, а стравот и неприфаќањето се главна причина поради која сметаат дека постои оваа стигма. Од ова истражување е евидентно дека многу мало малцинство – 1.5% посетуваат психолог/психотерапевт“, посочува здружението.

Во ова истражување младите најмногу пријавуваа чувство на стрес (51,1%), депресија (42.1%) и анксиозност (32,2%), а повеќе од половина кажуваа дека сега или некогаш се соочиле со одредена потешкотија со менталното здравје. Училишниот психолог за овие млади е многу ретко опција за споделување на чувства и проблеми (ниски 0,5% зборуваат со училишен психолог на овие теми). Висок беше процентот (44,7%) на оние кои би сакале да имаат пристап до индивидуални терапии со психотерапевт.

Бојан Шашевски