Младите љубители на театарот и филмот ги покажаа своите таленти

Во неделата, на сцената на Театар Комедија, средношколците кои беа дел од работилниците за театар, филм и медиумска култура покажаа што сработиле во последните неколку месеци. Учесниците на проектот „Откриваме, градиме, заедно сме!” се претставија со изведба на „Long Play” на Горан Стефановски и „Бегалка ‘80” по мотиви на Васил Иљоски, како и со проекции на кратки филмови и медиумски приказни.

Според Моника Павловска, средношколка во гимназијата Јосип Броз Тито, која учествуваше во филмската работилница, овој проект дава можности на младите за самонадградување и одлична дружба.

„Мислам дека секој од нас се пронајде во некој дел и беше поттикнат да размислува повеќе и да разменува идеи меѓусебно, и на сите ни беше дадена прилика да си ги искажеме своите мислења за на крај заедно да го склопиме тоа во кратка видео приказна. Јас конкретно го гледам филмот како моја идна професија благодарение на филмската работилница која ми ја поттикна желбата за снимањето уште повеќе,“ изјави Павловска.

Предавачот Емил Петров, кој беше задолжен за филмската работилница пак истакна дека новите технологии овозможуваат видеото и филмот да станат подостапни за младите.

„Во ова време на технолошка експанзија, секој од нас во џебот на своите фармерки покрај тоа што носи “smart device” за комуникација, носи и камера со HD резолуција, и апликација за монтажа на снимениот видео материјал, па дури и апликации за изработка на кратки анимирани филмови. Сето ова ја прави видео и филмската уметност блиска и достапна за секој од нас, особено за младите луѓе како напредни корисници на новите компјутерски технологии,” изјави Петров.

Овој проект во чии рамки беа организирани трите работилници ги здружува учениците од 6 средни училишта: Јосип Броз Тито, Раде Јовчевски Корчагин, Никола Карев, Орце Николов, Арсени Јовков и Боро Петрушевски. Како што најавуваат организаторите на проектот, средношколците веќе почнаа да работат на подготовките за следниот отворен креативен ден, во месец мај, оваа година.

Стефан Танков, средношколец во СУГС „Орце Николов“