Младите кумановци се враќаат од Авганистан – што понатаму?

Младите кумановци се враќаат од Авганистан - што понатаму?Високата заработувачка за краток временски период е главната причина поради која во последните години, многу млади кумановци заминаа да работат во странство. Авганистан за нив беше „ветената“ земја, но сега кога работа има се помалку, дел од нив веќе почнаа да се враќаат во Куманово.

„Иако не постои целосна гаранција за безбедноста, сепак високата и редовна плата, честите бонуси и платените одмори се мамка која не привлекува да одиме на печалба во Авганистан“, коментира Предраг Ѓорѓиевски, кој се уште работи во државата која беше уништена од последната војна.

Милош Стаменковиќ , поранешен работник во неколку воени бази во Авганистан вели дека се чувствувал релативно безбедно во базата. Проблем се, вели тој, пограничните места, посебно оние во близина на границата со Пакистан. Неколку години Стаменковиќ помина во Авганистан, но сега, откако се врати во родиниот град размислува за опасностите и ги чувствува последиците од печалбата.

„Доколку во Куманово можеше да се најде солидна работа со чија помош би бил во можност да напредувам професионално, сигурно не би се осмелил да заминам во Авганистан“, изјави Стаменковиќ.

И двајцата заминале поради немањето перспектива во Куманово, нешто што ги принудува луѓето да работат на места во кои го ризикуваат сопствениот живот.

„Сите работници сме изложени на штетни хемикалии. Покрај тоа преживуваме огромни стресови кога има напади врз базите, при летањето со хелихоптер, при вршењето на нашата работа. Тоа е данокот што го плаќаме за парите што ги заработуваме“, коментира младиот Предраг.

Сега општинската власт се обидува да ги натера дојденците од Авганистан да инвестираат во Куманово. Ѓорѓиевски е скептик, вели дека поради лошите услови за водење на мал бизнис во Куманово, не планира да ги вложува сопствените финансии во нешто,  како што тој вели, „ е однапред осудено да не успее“, и затоа најверојатно парите ќе ги чува во банка, како што прават и најголем број од кумановските печалбари.

И двајцата соговорници имаат ист став – доколку не се подобри економската ситуација во Куманово следниве неколку години, од градот ќе има огромен број на трајно иселени млади луѓе, кои во потрага по подобар живот, засекогаш ќе го завртат грбот на својот роден крај.

Роберт Димковски