Младите конечно ќе можат да седнат на иста маса со носителите на одлуки – Конференција „Зошто Закон за млади во Македонија?“

На првата национална младинска конференција “Зошто Закон за млади во Република Македонија?”, која се одржа претпладнево, присутните можеа да ги слушнат заклучоците од консултативниот процес со млади во сите статистички региони на Македонија, како и да дадат свои препораки за унапредување на идното законско решение.

Придобивката од овој Закон е тоа што младите ќе можат да седнат на иста маса со донесувачите на одлуки и да кажат што не им се допаѓа, како и дека за прв пат младинските организации формално ќе бидат признаени за она што го работат, посочи Блажен Малески, претседателот на Националниот младински совет на Македонија и претставник на работната група на НМСМ во процесот на креирање на Законот за млади.

Пратеничката Ивана Туфегџиќ истакна дека работната група за Закон за млади ги вклучува сите засегнати страни и дека во целиот овој процес на креирање на Законот поставува основа Собранието да биде партнер со младите и да има континуирана соработка со нив за да нивните потреби не останат само дел од политичките кампањи.

ФОТО: НМСМ / Фејсбук

Македонија ги следи практиките од соседните земји коишто веќе имаат донесено Закон за млади и дека претстоечкиот Закон за млади во Македонија ќе ја олесни и работата на Агенцијата за млади и спорт поради тоа што ќе ги конкретизира правата и обврските на засегнатите страни, објасни Дарко Каевски, директорот на Агенцијата за млади и спорт. Тој додаде дека со уредувањето на формите на здружување на локално ниво ќе им овозможи и на младите од руралните средини поактивно да се вклучат во политичките процеси и да ја унапредат својата животна средина.

Конференција е во рамки на проектот “Зошто Закон за млади во РМ?” кој го спроведува НМСМ заедно со своите организации членки и Базата на обучувачи на НМСМ, а е поддржан од Фондација отворено општество Македонија.

Досега за целите на проектот беа реализирани 18 едукативни работилници во сите 8 статистички региони во државата и директно беа вклучени над 600 млади лица од целата земја.