Младите ќе се едуцираат за пензиско штедење

Министерството за труд и социјална политика, МАПАС и двете пензиски друштва со поддршка на Министерството за образование и наука ќе ги обучуваат учениците од завршните години од 75 средни училишта и студентите за нивните права и обврски во пензискиот систем, нивната активна улога, носењето одлуки, како и со функционирањето на пензискиот систем, улогата на пензијата и значењето на пензиското штедење.

Младите ќе се едуцираат за пензиско штедење

„По завршувањето на образованието тие ќе се вклучат во работниот процес и со тоа стануваат задолжителни членови во првиот и вториот пензиски столб. Едукацијата ќе се спроведува преку 20-минутна презентација во рамки на редовната настава. Заради поедноставно воведување на младата популација во капиталното финансирано пензиско штедење и нивните права и можности подготвена е брошура која на едноставен начин ја прикажува улогата на младиот човек во пензиското штедење“, истакна на денешната прес-конференција, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Едукацијата на средношколците и студентите ќе се врши во рамки на кампањата „Моето друштво е мој избор, а штедењето мојата иднина“ која ќе добие поддршка и од МОН.

Директорот на МАПАС, Булент Дервиши посочи дека кампањата ќе придонесе за развој на свеста кај младите за значењето на пензиското штедење, со оглед на тоа што, секој млад човек е иден член на реформираниот пензиски систем, и со првото вработување задолжително ќе биде вклучен во првиот и вториот пензиски столб.

Задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување беше воведено во 2006 година, а во 2008 беше донесен и Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.

Во вториот пензискиот столб кој функционира повеќе од седум години членуваат околу 342.000 членови и акумулирани 408 милиони евра, а во третиот има околу 18.000 членови и акумулирани нето-средства од околу 4,3 милиони евра.