Младите ја сакаат дигитализацијата на пазарот на труд, но бараат да бидат слушнати

Како изгледа иднината на работната сила? Кои квалификации треба да ги поседуваат младите генерации за да најдат добро платена работа? Дали дигитализацијата е одговорот на сите проблеми кои искрснуваат во денешната индустрија?

Ова беа главните прашања во текот на целата втора пленарна седница на Меѓународната младинска конференција 2019 во Крушево, насловена „Иднината на професиите“.

И оваа сесија се состоеше од два дела. Таа започна со говорите презентирани од три експерти во областа на дигитализација, младински права, правата на работниците…Седницата ја започна Ева Елерит, директорка на Фондацијата „Фридрих Еберт“. Таа во својот говор се фокусираше на факторите кои го менуваат пазарот на трудот и носат нова ера на работници кај младите генерации. Главниот акцент беше ставен на дигитализацијата која, како што вели таа, може да донесе вистинска револуција и позитивни ефекти во секој индустриски сектор.

Луис Алвес, директор на Националната агенција за европски едукативни програми и мобилност во Португалија, во неговиот говор се надоврза на темите започнати од Елерит, фокусирајќи се на дигитализацијата како нова носечка идеја во новата тенолошка ера.

„Оваа т.н. четврта индустриска револуција ќе донесе огромни промени и ќе отвори многу нови рабони места кои досега ги немаше.“, вели Алвес, „Но, ова исто така значи и дека голем број на постоечки работни места ќе изчезнат. Кај идните работници ќе се бараат некои нови вештини, а многу досегашни способности ќе бидат непотребни или помалку потребни.“

Како што објаснува тој, ваквите промени не смеат да влијаат врз квалитетот на работниците. Според него, клучна улога на ова поле игра образованието кое мора да претрпи промени за соодветно да ги обучи и едуцира младите со цел тие да се подготвени за идната дигитална ера.

Презентацискиот дел од седницата го затвори Сарантис Михалопулос, новинар во EurActiv. Тој стави акцент на процесот на интернационализација кој се одвива паралелно со дигитализацијата. Заземајќи критички став кон се поголемите можности за мобилност и емиграција, Михалопулос го потенцираше проблемот на се поголем одлив на дигитално способни млади интелектуалци од исток кон запад.

По завршувањето на трите говори следеше панел дискусија на која учесници на конференцијата, млади од 16 европски држави, имаа можност да разговараат со говорниците и да ја изразат својата загрижености во поглед на овие теми.

За време на сесијата публиката исто така имаше можност, преку интерактивните алатки, да поставува прашања поврзани со  иднина на младите и проблемите кои искрснуваат при барање работа во новата дигитална ера. А такви прашања имаше многу. Генералниот став беше беше дека има недостатокот на вклученост на младите во носењето политики кои нив ги засегаат, дека никој не ги слуша нивните барања и никој не се грижи за последиците кои тие ги трпат.

„Што можеме ние, членовите во оваа соба, да направиме за да го спречиме одливот на мозоци?“, вели Дорин од Романија, покренувајќи дискусија поврзана со се поголемиот одлив на работна сила од овој регион.

„Денешните млади генерации се најдобро едуцирани во иторијата на човештвото, а сепак имаат огромни проблеми со наоѓање работа. Што недостасува?“ – запраша друг учесник.

Учесниците едногласно се согласија дека огромна пречка во развојот на државите од Западен Балкан е и корупцијата. А таа, велат тие, најчесто е поврзана со менталитетот на народот.

„Оваа конференција јас лично ја гледам како одлична платформа на која млади луѓе како мене можат да ги изразат своите ставови и барања“, вели за Радио МОФ Баран, еден од учесниците. „Атмосферата е прекрасна, работиме со одлични и паметни луѓе кои имаат генијални идеи.“

Тој, заедно со повеќе од педесетината учесници од 16 различни земји овие денови во Крушево работат на развивање идеи и носење препораки како државните институции во регионот подобро би работеле. Главната цел е во иднина да постои поинклузивно носење на политики кои ги засегаат младите луѓе со тоа што и тие би биле вклучени во него. Но, и покрај тоа што главната цел на оваа конференција е зближување на младите кон европските вредности и давање можност на нив да ги иразат сите проблеми кои ги загрижуваат, тие едногласно се согласија на уште една работа.

„Еден од најдобрите настани кои сме ги посетиле и едни од најпрекрасните луѓе кои сме ги запознале“, заклучија тие.

Конференцијата ќе трае до 30ти септември. До тогаш членовите треба да ги завршат препораките кои ги подготвуваат за време на работилниците и тие во понеделник ќе бидат презентирани на седницата на Собранието на Р.С.М.

Георги Божиновски