Младите им порачаа на своите врсници: Не верувајте во медиумската пропаганда, проверувајте

Читајте меѓу редови, прашувајте се кој ви ја испраќа медиумската порака, зошто го привлекува вашето внимание и кои се вредностите што ги испраќа таа, им порачаa студентите од Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје на своите врсници.

Преку студентски митинг на платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ тие денеска упатија апел и до надлежните да ја сфатат медиумската писменост како важен сегмент во образованието, со оглед на се поголемата присутност на лажните вести во медиумскиот простор.

Студентката Калина Патчева, која е прва година на Правниот факултет вели дека младите сами се описменуваат барајќи совети и одговори од „Гугл“.

„Нека ме слушнат, нека ме чујат од Бирото за образование – повикувам на зголемување на свеста за медиумската писменост во образованието на што е можно повисоко ниво. Каде ќе се описмениме, ако не во образовните институции“, рече таа во своето обраќање.

Во низата говори, се обрати и студентот Никола Донев, кој напомена дека додека медиумите се во трка по профит и се во служба на центрите на моќ, на младите им е неопходна медиумска писменост.

„И те како е потребно, денеска, со континуирано образование и секако, вистински поставени морални вредности, да успееме да создадеме едно критичко општество кое нема да се води по максимата „не ме интересира политика“, туку ќе застане со цврсти ставови и ќе го одбрани она во кое верува“, рече тој.

„Да ја сфатиме моќта што ја имаме, да не бидеме марионети“, им порача на насобраните студентката Бојана Крстевска.

„Моќта на мас медиумите е голема, тие го формираат и го пренасочуваат јавното мислење и ставовите, затоа обрати внимание пред да се загубиш во лавиринтот на брзиот живот, одвој внимание да размислуваш за целата информација што ја добиваш, одвој време да не бидеш клен на канџите на медиумската пропаганда“, истакна таа.

Медиумската писменост освен што не постои, за неа не е отпочнат ниту процес за вметнување во формалното образование, нагласи студентот Симеон Јанев. Тој ги посочи секојдневните рекламни објави за здравје во порталите, кои имаат само една цел – да продадат одреден производ.

„Рекламите секојдневно се обидуваат да ни продадат нешто, без разлика дали тоа е вистина или лага, или нешто што навистина е корисно, или не. Тоа го прават така што таргетираат одредени луѓе кои во денешното општество директно го голтаат онака како што е сервирано, без да се има критичка мисла, без да има различни гледишта и аспекти“, смета тој.

Неизоставен дел од студентскиот митинг насловен „Не биде медиумска мета“ беше и велешката „фабрика за лажни вести“, предводена токму од млади луѓе, кои со дезинформации влијаеја на изборниот резултат на претседателските избори во САД.

„ Застрашувачки е кога ќе го видите современиот граѓанин чија општествена еволуција му донела повторно робство, овој пат потешко од историското. Овој пат, духовно робство“, вели студентката Марија Суботиќ.

„Некогаш зборувавме за орвелова фикција, но денес таа фикција е реалност. Денес таа фикција е реалниот свет во кој живееме и воедно го викаме развиен. Интересно е, и воедно збунувачки, оваа нова настаната ситуација каде што информацијата од нас е оддалечена само еден клик, но апатијата кон луѓето и кон информацијата е толку многу поголема“, забележа Суботиќ.

Но, тенка е линијата меѓу медиумската слобода, слободата на говор и говорот на омраза, кој е се почест во општеството, а најчест на социјалните мрежи – местото каде младите го поминуваат нјаголемиот дел од своето време, вели студентот Марко Кузмановски.

„Престанете веќе да верувате во се и сешто. Разбудете се, размислувајте, ставете го прстот на чело, затоа што не се сите информации вистински, не се ниту сите луѓе кои ви ги праќаат информациите вистински, ниту пак секогаш ви мислат добро. Затоа, не верувајте, проверувајте“, им се  обрати тој на своите врсници.

Организаторите на настанот, Македонскииот институт за европскии студии (МИЕС), Фондацијата Метаморфозис и Евротинк – центар за европскии стратегии, ги повикаа младите да се приклучат во креирање на политиките што ги засегаат, да зборуваат за проблемите и идеите, бидејќи како што посочија студентите од денешниот митинг – само така може да постои авангардна маса што ќе ги менува процесите.

Емилија Петреска

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.