Младите иако не сакаат, прифаќаат работа на црно

Младите иако не сакаат, прифаќаат работа на црноГолем дел од младите иако не сакаат да прифатат работа без договор за вработување, заради големата невработеност во земјата, прифаќаат работа на црно, покажува анкетата на министерствата за труд и социјална политика и за образование и наука.

Најголем дел од младите не би работеле на црно и знаат дека за да работат мора да бидат пријавени, но не се информирани за агенциите за привремено вработување и не се запознаени со Законот за работни односи, се вели во анкетата во која се опфатени 14.080 ученици од трета и четврта година од средните стручни училишта од цела држава, во рамки на проектот „Одбиј работа на црно!“.

„Младите можат да ја препознаат сивата економија. Тие не би работеле на црно, бидејќи според нив тоа е несигурна работа и не е во согласност со законот. Свесни се и дека ако работат на црно нема да ги поседуваат сите права загарантирани со закон“, истакна министерот за труд и социјала, Спиро Ристовски.

Министерот за образование и наука, Панче Кралев смета дека со обуките на младите им се објаснува дека при вработување во нивен интерес е да бидат уредно пријавени.

„Платата не е поважна од пријавувањето, односно во спротивно, најмногу губи работникот, а на негова сметка заштедуваат работодавачите. Преку проектот учениците се запознаваат со опасностите со кои ќе се соочат доколку во иднина некој им понуди работа на црно и ќе знаат кои се нивните права при вработувањето“, рече Кралев.

Проектот ќе продолжи да се реализира од следната недела до крајот на мај, а преку него младите потенцијални работници ќе се едуцираат како да ги препознаат замките на сивата економија и да добијат здравствено и пензиско осигурување, годишен одмор и редовна плата.

Проектот „Одбиј работа на црно!“ го спроведуваат министерствата за труд и социјална политика и за образование и наука, Агенцијата за вработување и Националната федерација на агенции за привремени вработувања и со него беа опфатени 93 средни училишта од Скопје, Битола Штип и Струмица.