Младите и онлајн конзумеризмот – Животот не е Инстаграм

Моника Ангелковска (Поттер) има 20.000 следбеници на Инстаграм, а повеќето од нив се тинејџери. На прашањето дали чуствува некаква одговорност за тоа што им пласира на следбениците на Инстаграм таа одговара:

,,Нормално дека чуствувам одговорност. Пред да работам со некој бренд анализирам дали нивниот производ реално ми се допаѓа и дали е добар. Друга одговорност што ја имаме ние инфлуенсерите, мразам да го користам овој збор, е тоа дека не треба да им се претставуваме на другите луѓе како – видете ние имаме совршен живот, нас ни е се супер. Секогаш велам дека “није живот инстаграм”, позади тие слики, тие сториња што ние ги правиме, има некоја друга реалност, а јас искрено се трудам таа реалност да ја доближам најмногу до тоа што го постирам на Инстаграм”.

Ангеловска беше меѓу говорниците на вчерашната дебата ,,Ај на кафе во живо”: ,,Младите и онлајн консумеризмот”. Говорниците забележаа дека младите се зависни од социјалните мрежи, најпопуларна е Инстаграм, а Фејсбук станува мрежа за “постарите”. Професорката Тамара Ќупева, е истражувачка на медиумската писменост и современите комуникации. Споменувајќи едно минатонеделно кратко истражување, посочи дека од 170 ученици кои биле анкетирани, дури 168 биле активни на Инстаграм.

„Минатата недела зборувавме за инстаграм и социјалните мрежи, без исклучок околу 170 ученици беа вклучени во тој еден прашалник, 168 од нив одговорија дека се активни на инстаграм и дека се присутни во повеќе од десетина групи во рамки на оние социјални групи на разговор. Апсолутно го прават тоа, затоа што трендот е таков. Ако не си вклучен тогаш си целосно надвор од случувањата и не можеш едноставно да се интегрираш во социјалниот живот на својата генерација и своите врсници. Од друга страна тоа пак создава еден притисок, ќе го наречам генерациски притисок. Значи ако не си активен, ако не си вклучен таму, едноставно не можеш да ги следиш промените, случувањата, каде е и што прави твојата генерација. Некој и да не сака да се вклучи на тие социјални мрежи, веќе притисокот е толку голем што не може, а да не биде таму”, истакна Ќупева.  

Дарјан Раденковиќ, маркетинг директор на „Бреинстер“, пак се осврна на социјалните мрежи и рекламните компании, кои преку моќни софтверски алгоритми може да сервираат што да се појавува на социјалните мрежи. Раденковиќ истакна дека е битно да се разбере како функционираат големите мрежи и зошто функционираат на тој начин.

„Значи не само што можат да го најдат тој што е заинтересиран за вашата услуга, туку ако му дадете соодветна база на податоци може да најде луѓе слични на тие што него го интересираат. Едноставно тука тргнува целата нивна бизнис логика. Колку почесто нас не анимираат, колку повеќе време трошиме, повеќе рекламни слотови, повеќе пари за нив“, рече Раденковиќ.

Пред присутните посочи дека годинава, за првпат 51% од средствата наменети за маркетинг ќе бидат потрошени во дигитален маркетинг. Проценката е дека оваа година Гугл ќе заработи околу 103 милијарди долари, а Фејсбук 70 милијарди долари, заклучи тој.

Дебатата се одржа во рамки „Деновите на медиумската писменост 2019“ којашто ја организира Мрежата за медиумска писменост.

Александра Субашиќ