Младите ги кријат проблемите со менталното здравје бидејќи се чувствуваат неприфатено

Многу луѓе кријат дека имаат ментални нарушувања, дека имаат одредена дијагноза од страна на психијатар, се срамат и ја негираат својата состојба. Причина за ова се стигмата и предрасудите кои владеат во општеството, смета Димитар Илчов од Здружението за ментално здравје Асоцијација Мисла.

Овие лица се уште имаат проблем да добијат соодветни услуги, се дискриминирани и лишани од социјална правда, бидејќи недостасуваат соодветни законски решенија, вели Илчов.

Во отсуство на официјални кампањи, Илчов утрово како претставник на Здружението делеше флаери и информираше минувачи на Плоштад Македонија за Светскиот ден на менталното здравје.

Годинава во фокус е превенцијата на самоубиствата, поради што ја пренесуваше пораката на Светската здравствена организација – да се одвојат 40 секунди да се размисли за проблемот со самоубиствата, затоа што на секои 40 секунди некои лице во светот се убива.

„Во образованието, со исклучок на стручното образование по медициа и психологија, воопшто не се обрнува внимание. Многу луѓе се или неинформирани, или се погрешно информирани. Мислат дека луѓето со нарушено ментално здравје се убијци, опасни по околината, или лоши луѓе, што воопшто не е случај. Во моментов, кај нас постои Закон за ментално здравје и Национална стратегија за унапредување на менталното здравје, но тие не се спроведуваат како што треба и не се комплетни“, смета тој.

Посочи дека Законот се однесува исклучиво на пациенти кои се лекуваат во болниците, а не ја опфаќа пошироката проблематика на превенција, на рехабилитиација и на интеграција на општеството.

„Има многу работи кои би требале да се сменат“, забележа Илчов.

„На пример, самите власти и Министерството за здравство би можеле да обратат повеќе внимание на информирање на јавноста, на обезбедување соодветна психитерапија и терапија со лекови. Исто така, Министерството за труд и социјална политика може да обезбеди дополнителни мерки и програми за вработување на овие лица, бидејќи реално тоа се лица со еден вид на попреченост“, надополни тој.

Самоубиството е загрижувачки меѓу младата генерација

На Илчов му се придружија и специјализанти на Клиниката за психијатрија. Според Ѓорѓи Калпак, ваквите настани се можност да се прозбори на темата не само пред граѓаните, туку и меѓу самите медицински лица.

Тој посочи дека самоубиството е еден од водечките причини за смрт меѓу младите од 15 до 29 години, како и кај повозрасните граѓаните од 65 години. И тој се освртна на потребата за поголема едукација и пристап до помош.

„Ова е модерен проблем“, посочи Калпак.

„Изолзацијата, контактот со луѓето кој се повеќе се намалува, мобилните телефони и социјалните мрежи придонесуваат кон оваа појава. Исто, брзиот начин на живот“, додаде тој.

Калпак заклучи дека здравата комуникација и барање помош од социјалната околина е клучна за подобрување на состојбата со менталното здравје.

На ова се надоврзува и д-р Стојан Бајрактаров, директор на ЈЗУ Универзитетска Клиника за психијатрија, кој во соопштение до медиумите ги спомена социјалните мрежи како фактор за појава на анксиозност и депресија.

„Од исклучителна важност е раното детектирање на проблемите кај младите кои се повеќе се под притисок на влијанието и прекумерната употреба на социјалните медиуми, големото количество на информации кои не се слика на реалноста и создаваат услови за повлекување на младите, социјална изолираност и чувство на неприфатеност. Се почести се случаите на училишен мобинг не толку присутен во минатото“, посочи тој.

Емилија Петреска