Младите генијалци на „Јахја Кемал“ со своите проекти ги освојуваат светските олимпијади

Учениците во приватното средно училиште „Јахја Кемал“ можат да се пофалат со проекти од научната и општествената сфера за кои редовно освојуваат медали на олимпијадите ширум светот. Со своите иновации и идеи тие сакаат да придонесат во општеството, но за тоа да го направат потребни се макотрпни и долги подготовки со поддршка од нивните професори.

Ивона Симонова е ученик во втора година во „Јахја Кемал“ во Бутел, која од самиот почеток започнала со изработка на меѓународни проекти. Минатата година таа беше дел од Golden Climate олимпијадата во Кенија каде освои бронзен медал. Годинава, пак, учествуваше на Genius олимпијадата во Њујорк што се одржуваше од 12 до 16 јуни. Заедно со Љубомир Колев кој е ученик во прва година во училиштето ,,Јахја Кемал“ во Карпош, освоија сребрен медал за нивниот научен проект насловен ,,Правење нова еколошка-зелена гума со силициев диоксид како полнител со подобрени својства“. Идејата ја добиле од фабриката за изработка на гума и гумени производи ,,Техногума-Николов“ Штип.

„Во близина на нашиот град Штип се наоѓа голема количина на оризови лушпи кои беа предмет на нашето истражување со кои успеавме од отпад да создадеме производ кој ќе се употребува во производството на гума во ,,Техногума-Николов“ – Штип, која се наоѓа на 15 километри од создавачите на отпад. Со тоа би го остраниле отпадот и би создале производ за широка потрошувачка“, објаснува Симонова.

За подготовка на овој проект им требале осум месеци, многу време потрошено во лабораторија, направени тест-парчиња и експерименти. Но, на крај успеале да го добијат финалниот производ – силициев диоксид.

„Успешното презентирање на проектот од моја страна и од страна на мојот соученик Колев пред судиите и организаторите беше клучно да ги освоиме нивните срца, но и сребрениот медал. Ова воедно претставува мотив за работа на уште многу вакви проекти и да освоиме многу меѓународни признанија“, вели оваа средношколка.

Искуството од меѓународниот натпревар за нив двајцата значело нови пријателства, вмрежување со средношколци од целиот свет, размена на идеи за идни проекти.

„Медалот за нас претставува предизвик за изработка на многу вакви проекти, посебно во областа на гума, кое го потврдив по вторпат по моето претходно учество на ваков сличен меѓународен натпревар во Кенија“, смета Симонова.

Најголема поддршка добиле од нивната менторка Емел Шериф Мифтар, како и Николова Симона, магистер на полимерно инжинерство.

„Овие освоени награди ми даваат голема можност за упис на универзитет во странство. Сепак ако не успеам и не се реализира ова, би ја избрала можноста да бидам студент во нашата држава“, вели Симонова.

Годинава вкупно триесет и пет ученици од ова училиште беа дел од Genius олимпијадата во Њујорк, каде заедно освоија 15 медали и 14 пофалници. Еден од нив е и Алтрин Адеми, кој со својот проект освои златен медал, но во категоријата за уметност и фотографија.

„Идејата беше лично моја со намера како да ја направиме природата попрекрасна“, вели тој.

„Се решив конкретно за овој проблем бидејќи е проект што може да се реализира“, додава Адеми.

Медалот за него значи клуч со кој ќе може да отвори многу врати во иднина. За искуството од натпреварот, пак, вели:

„Искуството е толку убаво што дури не можам да опишам со зборови, но уште попрекрасно беше искуството додека беше доделувањето на наградите“, вели тој.

Исто и тој најголема поддршка добил од своите професори, за кои вели дека биле до него низ целиот процес.

„За да го напишам текстот за идејата и решението на проблемот ми беа потребни три недели. Според мене, клучно за освојувањето на медалот беше писмото со кое го објаснував проектот и мојата презентација пред жирито“, појасни Адеми.

Во иднина, вели тој, себеси се гледа како студент по архитектура, иако се уште не знае дали тоа ќе биде овде, или надвор од државата.

На слична олимпијада, но одржана во Хјустон, Тексас, со свој научен проект се пријавиле и Давор Стевчески со неговата соученичка Стефани Ивановска, освојувајќи бронзен медал. Станува збор за Меѓународниот натпревар за проекти за одржлив енергетски инженеринг. Овде секоја година конкурираат над 1500 пријавени проекти од кои околу 450 поминуваат во финалната фаза. Меѓу нив беше и нивниот проект, од областа на биологијата.

Тие се обиделе од едно растение да ги добијат неговите корисни супстанци и нив да ги искористат како замена за штетни хемикалии, со надеж дека ќе го постигнат истиот ефект, но нема штетно да влијаат врз човековиот организам како и врз околината.

„Денес во производите кои најчесто ги користиме се наоѓаат најразлични хемикалии кои се штетни за човековата физиономија како и за околината (реките, почвата, подземните води). Поради ова се решивме да спроведеме едно истражување за тоа како и дали едно растение, односно неговите состојки можат да бидат замена за овие штетни хемиски супстанци. Овие продукти каде ние ги спроведовме нашите заменски состојки се целосно природни и немаат синтетички хемикалии. Досега со нашите истражувања се покажа дека продуктите се исто толку ефективни колку и синтетичките, и се надеваме дека ќе имаме можност и понатаму да ги развиеме. Овие продукти можат да му помогнат на општеството со тоа што кога би се направила оваа замена, листата на нуспојави кои луѓето ги чувствуваат, а не знаат од што се предизвикани, би се намалила, а некои и би се изгубиле“, појасни Стевчески.

Тие се решиле да го истражуваат овој проблем бидејќи сакале да помогнат во борбата против штетните хемикалии и супстанци за кои е научно докажано дека се штетни,  да ги истражат моќите на природата и притоа продуктот да не биде некое комерцијализирано средство кое би чинело многу. За искуството од учеството на ваквите олимпијади вели дека е огромно.

„Самото сознание дека вашиот труд се наоѓа меѓу такви проекти направени со употребата на најсовремената технологија, а вашиот е створен со основните елементи, ви го открива вашиот вистински потенцијал, претставува  признание за вашата работа и труд, дознавате до каде уствари можете да стигнете сами и навистина е прекрасно чувство“, смета тој.

За подготовка на овој проект им биле потребни околу четири месеци и многу труд.

„Најпрво се соочувавме со најразлични неуспеси, но не дозволивме тоа да не надвладее и продолживме уште повеќе и попаметно да работиме за на крајот успешно да го завршиме истражувањето. Според нас, клучна беше темелноста во работата како и презентирањето на трудот кое не доведе до третото место, односно бронзениот медал“, забележува Стевчески.

И двајцата првично се гледаат како идни студенти во странство, но доколку ја немаат да можност, образованието би го продолжиле во својата земја.

Е.П.