Филип Димкоски и Рената Пенчова се претставија на Меѓународниот поетски фестивал во Бугарија

Младите поети Филип Димкоски и Рената Пенчова настапија на деветтото издание на Меѓународниот поетски фестивал „Белоцветните вишни“ во градот Казанлак во Бугарија.

Од вкупно 230 автори од Бугарија, Македонија, Романија, Србија, Холандија, Украина и други земји кои испратиле песни на фестивалот, избрани се педесет најдобри песни, дел од нив се наградени, а сите педесет меѓу кои и песната „Душа розова“ од Димкоски, препеани на бугарски јазик се застапени во меѓународниот поетски зборник. Од Македонија, добитник на диплома за учество е и младата поетеса Рената Пенчова од Штип.

Жири комисијата ја сочинуваа Палмира Никленова и Атанас Јанев под претседателство на Димитар Христов од Сојузот на писатели на Бугарија.

Инаку, ова е петто меѓународно признание за Филип Димкоски, по наградата Млада струга на Струшките вечери на поезијата, наградите од меѓународните фестивали „Јанош Сивери“ и „Станислав Препрек“ од Нови Сад, Србија и наградата за најталентиран млад учесник на Мелничките вечери на поезијата во Мелник, Бугарија.