Младите да си ги знаат работничките права за да не бидат злоупотребувани од газдите

„Преку подобрени работнички права се подобрува и положбата на младите во општеството. Целта е младите да ги запознаат правата и обврските, а притоа да бидат ослободени од страв да пријават прекршување. Со наполнети 16 години секој има право да работи. Договор е потребен без разлика дали лицето е малолетно. Не е поентата само „отиди, заврши работа“, туку младите да препознаат злоупотреби, кога прекувремено не им е платено, или дури има моменти кога на дел од вработените им е забрането да одат до тоалет“, потенцира Ивана Анѓеловска од Волонтерски центар Скопје, каде се одржа локалната дискусија  „Работничките права на младите во Македонија“.

На дискусијата присуствуваа средношколци, студенти и млади од граѓански организации, меѓу кои и Горазд. Според него, не е прашањето дали младиот работник ќе потпише „бланко договор“, туку дали воопшто има договор.

„Сум работел на неколку места, но немам потпишано ниту еден договор. Значи со полно работно време, па, оттука, не знам дали тие 6-7 месеци се сметаат за „привремено работење“!? Ако сум малолетен, нели имам право на работа?“, прашува Горазд.

Неговиот другар Никола со договор работел кратко – само два дена додека траел Супер купот меѓу Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид во Скопје.

„Сега моментално работам со мрежен маркетинг, но свесен сум дека не можам да бидам пријавен“, вели тој.

Средношколката Ева лани имала 16 години. Вртела телефони, се јавувала, пробувала да најде работа, но никој не сакал ни да чуе за вработување на малолетно лице.

„Никој не сакаше да спреми договор! Имаме искуство од другарки што работат по кафулиња или слично – не е важно дали ќе работат осум часа, не ги исплаќаат на време, или воопшто не ги исплаќаат. А, воедно се без договор“, забележа средношколката на дискусијата.

Маја засега не дошла до некои нерегуларности со работното место, но преку нејзините другарки прати ситуација во околина. Од една страна, вели таа, работодавците не ги почитуваат правата, но и самите млади понекогаш се апатични, не преземаат иницијатива да се смени состојбата.

Младиот Давид, пак, има работено за да научи занает. Почнал да учи тапетарство, без потпис на хартија, но со навремена исплата.

„Сепак, имам повеќе примери од личности кои ги познавам, не ги исплаќаат во целост, или навреме, само зашто се малолетни. Газдите мислат дека можат да си поигруваат. Затоа е потребно младите да си ги знаат правата. Да се информираат“, потенцираше Давид.

Освен искуствата, младите на дискусијата даваа и свои предлози како би се помрднала состојбата.

Сметаат дека општините главно организираат културни и забавни собири. Но, тоа не е доволно. Од локалните самоуправи недостасуваат јавни дискусии, механизми за комуницирање преку кои младите би се запознале со своите работнички права.

„Недостасуваат локални канцеларии во општините, каде би се консултирале. Што е со советодавните тела? Има ли такви и дали функционираат преку министерствата? Недостасува и интензивна кампања. Пример, нешто како кампањата за фискална сметка – ‘Побарај фискална сметка’, а ова да биде ‘Побарај договор за работа’, или ‘Читај договор пред да потпишеш’. Понатаму, да се направи стратегија за заштита и почитување на работничките права, на линија државна институција-работник-работодавач. Да се зголемат и мерките и санкции при прекршување на правата на работникот“, беа дел од предлозите.

Присутните млади беа согласни дека во училиштата недостасуваат канали за едукација, па акцент ставија на средношколското организирање и средношколски правобранител.

Исто така, утврдија потреба од отворени линија за советување и пријавување прекршено работничко право во Државниот инспекторат на трудот.

„Освен институциите и невладините организации, своја улога треба да има и посебен, независен синдикат за работничките права на младите. Да се обраќаат за совет, за правна помош, за било што поврзано со работниот статус. Некои млади луѓе воопшто не ни знаат што е тоа синдикат, што е неговата функција“, забележаа присутните.

Инаку, локалната дискусија во Волонтерски центар беше дел од националната кампања „365 работнички права за младите“, која ја имплементира Коалиција на младински организации СЕГА во соработка со Факултети.мк и Конфедерација на слободни синдикати на Македонија.

Истражувањата во склоп на кампањата покажаа дека дури за 75% од анкетираните млади, работничките права се напишани само на хартија, 60% се недоволно информирани за своите права, додека 57% се плашат да пријават било какво прекршување. Тоа го прават од две причини – за да не бидат избркани од работа и бидејќи сите останати вработени молчат.

Радио МОФ веќе пишуваше дека над 10 проценти од вработените не им е дадено да го прочитаат договорот за работа. Во однос на невработените млади, 64% се подготвени да потпишат бланко отказно решение, а 25% да влезат на работа без да потпишат било каков договор.

Три четвртини од младите сметаат дека работничките права постојат само на хартија

Бојан Шашевски